Лазаров ја собра репрезентацијата: Стоиме цврсто на земја, веруваме во убави работи

Најдобрата македонска ракометна репрезентација од денеска официјално ја започнува мисијата Европско првенство во Унгарија и Словачка.

Националниот тим почна да се собира и ќе почне да ги одработува подготовките од кои првите ќе бидат во Маврово за да потоа оваа фаза биде заокружена во Скопје. Нашиот селектор и капитен, Кирил Лазаров е свесен дека пред репрезентацијата се тешки предизвици, но верува дека овој микс на искусни и млади играчи може да не претстави во најдобро светло на престојниот шампионат.

-Најпозитивна работа е што оваа национална селекција има континуитет и тоа ни е прва и основна цел до сега, а ќе биде и понатаму. Процесот на подмладување е почнат, но секогаш се добредеојдени играчи како Миркуловски, Стоилов, Митревски, Марковски…Никогаш нема да се откажеме од ниту еден играч. Особено треба да му бидеме благодарни на Филип Миркуловски кој се одѕва на мојот повик, на повикот на македонската јавност и прифати да биде на располагање на македонската репрезентација, -рече Кире кој запрашан за очекувањата во групата и битките со Данска, Словенија и Црнга Гора порача:

-Веруваме во убави работи, но од друга страна стоиме цврсто на земја и знаеме што не очекува. Словенија е репрезентација за која не треба да трошам зборови, Данска како олимписки првак многу посериозно ќе не сфати по победата во Скопе и ќе биде тешо да се повтори тој резултат. Црна Гора е селекција за почит, предводени од Рогановиќ, тренер на кој му веруваат. Играат со срце и желба за државата. Мора да бидеме претпазливи, ништо не треба да не изненади. Секогаш велиме немаме доволно време, сега имаме доволно време. Ќе направиме квалитетни подготовки во Маврово и Скопје, -истакна Лазаров.