Лазаров: Ќе работиме системски на подобрување на продуктивноста која ќе предизвика пораст на просечната плата

ВМРО-ДПМНЕ неколку месеци апелираше до Владата предводена од СДСМ во делот на опасноста од вештачки, интервенистички зголемување на платите, кое е повеќе популизам отколку базирано на реални економски мерки.

Ова го истакна Дарко Лазаров од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, кој гостуваше во „Топ тема“ на Телма.

-Платите во секоја економија растат врз база на продуктивност. Платите во македонската економија се четири пати пониски од платите во Словенија затоа што македонската економија е четири пати помалку продуктивна од словенската. ВМРО-ДПМНЕ смета дека платите можат да растат само преку зголемување на продуктивноста. Во таа насока, фокусот на идната програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во насока на зголемување на продуктивноста на македонските компании, нивно преструктуирање, зголемување на нивните технолошки способности и како тие би можеле да ја зголемат продуктивноста, а преку тоа да растат и платите во економијата, истакна тој.

Лазаров објасни која е разликата меѓу концептите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

-Концептот на СДСМ вели дека „ние ќе ја зголемиме минималната плата законски, во Собрание, а тоа ќе повлече спирала на зголемување на просечната плата“. Тоа нема да се случи затоа што, едноставно, не ја зголемуваат продуктивноста. Концептот на ВМРО-ДПМНЕ е дека ќе работиме системски на подобрување на продуктивноста која ќе предизвика пораст на просечната плата во земјата, а порастот на просечната плата автоматски, по пазарни принципи ќе ја зголеми најниската плата во државата. Минималната плата секаде во светот е инструмент да се заштитат социјално ранливите категории и оние работници кои се во трудоинтензивните дејности кои во одреден временски период не може да се преструктуираат, истакна Лазаров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.