Лазаров: На крајот на 2021 година не само што ќе имаме послаб економски перформанс како земја во однос на 2019 година, туку ќе бидеме значително позадолжени

Слушам најави за некаков значаен економски раст и развој во 2021 година, па чуствувам обврска како економист да појаснам некои работи, пишува во својот фејсбук статус на Дарко Лазаров

Стапката на економски раст го мери нивото на реален БДП во тековната во однос на претходната година. Тоа значи дека 2020 година ја завршуваме со негативна стапка на раст (рецесија) од околу – 5%, што значи дека реалниот БДП во 2020 година е помал за 5% во однос на 2019 година.

Од друга страна, проекциите на Светска Банка се дека македонската економија ќе забележи раст од 3.6% во 2021 година, што значи економијата ќе порасне за 3.6% годинава споредено со 2020 година.

Ова не значи никаков економски прогрес, раст, бум, квантен скок бидејќи ако го земеме нето прогресот што треба да се случи на крајот на 2021 година, истиот ќе биде негативен споредено со почетокот на 2020 година.
Објаснување: – 5% стапка на раст во 2020 година + 3.6% стапка на раст во 2021 година = – 1.4 процентни поени стапка на раст.

Ова јасно укажува дека нивото на БДП (како индикатор за економската развиеност на земјата) на крајот на 2021 година ќе биде помало од нивото на БДП на крајот на 2019 година.

Но уште полошо е тоа што на крајот на 2021 година не само што ќе имаме послаб економски перформанс како земја во однос на 2019 година, туку ќе бидеме значително позадолжени. Имено, на крајот на 2021 се очекува нивото на јавен долг да достигне 65% од БДП, што е зголемување за цели 16 процентни поени споредено со 2019 година. Или во апсолутен износ јавниот долг на државата во 2021 година ќе биде поголем за цели 1.5 милијарди евра споредено со 2019 година. Сето ова значително ќе го ограничи идниот фискален простор, а со тоа и развојниот потенцијал на земјата.
Да не зборуваме за состојбата и задолженоста на приватниот сектор и граѓаните кои уште многу години ќе ги чуствуваат ефектите од оваа криза и уште многу време ќе им треба да се вратат во нормала.

Дополнително, опоравувањето на светската економија нема да оди така лесно и брзо, при што, ефектите од задолжувањето во другите земји ќе има своја цена на меѓународниот пазар на капитал во следниот период, а сето тоа секако ќе има свои рефлексии и врз нашата економија.
И во вакви исклучително тешки економски услови, наместо да бидеме реални и да се зафатиме со напорна и посветена работа сите заедно со цел санирање на штетите од кризата и корекција на пропустите во водењето на економските политики и начинот на досегашното справување со последиците од кризата, некој продолжува популистички да се расфрла со некакви оптимистички и нереални ветувања.

Ќе се обидам да објаснам фигуративно.
Да претпоставиме дека владата е татко на едно сиромашно семејство кое живеело во скромна семејна куќа која таткото не успеал да ја поправи затоа што бил неработник и нерационално го трошел семејниот буџет. Доаѓа некоја природна катастрофа која предизвикала значително уништување на трошната куќа на семејството. И сега таткото наместо да се зафати со работа и со сите сили да се потруди да ги поправи направените штети за да може семејството со кров над глава како така да ја дочека следната зима, тој им кажува да бидат спокојни и да очекуваат дека тој ќе им изгради нова голема палата во која тие среќно ќе живеат.“

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.