Лазаров позитивен на коронавирусот

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, имал позитивен резултат на редовното тестирање за коронавирусот, во пресрет на седмото коло од Лигата на шампионите.

Од Нант првично соопштија дека има двајца нови ракометари кои се позитивни на глобалниот вирус, а потоа порталот 20minutes.fr, прецизираше дека станува збор за Лазаров и за шпанскиот пивот Адрија Фигуерас.

Поради ова, Нант ја откажа средбата против Целје во Лигата на шампионите планирана за в четврток, бидејќи не е исклучена можноста вирусот да е проширен и кај уште некој ракометар од екипата.

Она што е најважно е дека капитенот на македонската репрезентација бил без симптоми и во добра здравствена состојба, како што вели во изјавата за г-спорт.мк. Сега Нант дополнително ќе ги тестира останатите играчи ќе решава што да преземе понатаму, дали да ја става екипата во карантин, колку долго итн.

Тоа се нови главоболки и за ЕХФ и за француската ракометна лига, кои мака мачат да врзат нормални кола, поради големиот број одложени средби. Нант досега одигра четири меча во ЛШ, во кои оствари една победа, на гости кај Кил, а загуби трипати, дома од Веспрем и од Барселона, а на гости кај Алборг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.