Лазаров: Среќен и горд сум за целата Македонија

45

Ракометната репрезентација на нашата држава под водство на новиот селектор Кирил Лазаров дојде до голема победа над Данска со (33-29) во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2022 година.

По дуелот во Скопје Лазаров испрати јавна благодарност до сите кои му дале поддршка на стартот и почетокот.

„Прво и основно, на стартот сакам да им се заблагодарам на моите играчи и во случајов моите соиграчи. Испочитуваа се што се договоривме. Благодарност до стручниот тим кој ме испочитува и ми помогна. Последните три-четири дена, иако е нов предизвик за мене ова, чувствував позитивна енергија. Не бев загрижен, туку спремен дури и да одиграме послабо и да загубиме, ама најважно ми беше она што договараме, да го покажеме. Момците го испочитуваа тоа и заврши како што заврши. Имавме храброст да почнам со генерација 96-98, верувам во нив. Многу се оспорувани некои од тие играчи, можеби психолошки им треба малку време да се кренат затоа што тие знаат да играат ракомет, јас сум сигурен во тоа. Јас сум цел живот „напаѓач“, ама инсистирав овие денови на „одбрана“. Малку беше смешно на сите што еден напаѓач инсистира на одбрана. Јас цел живот играм против добри одбрани и знам што значи. Среќен и горд сум за целата Македонија, затоа што многу со нас имале и добри ама и лоши моменти. Ама сум цврсто на земја, затоа што треба да работиме многу. Благодарност до целата македонска јавност, во 99% од случаите по назначувањето добив поддршка. Ама, ова е само почеток, јас знам што е спорт и го знам нашиот македонски менталитет. Најважно е да се пласираме официјално на Европското првенство 2022 и за понатаму ќе размислуваме“, рече Лазаров по натпреварот во Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.