Лазаров за средбата со Норвешка: Не можеме да загубиме ништо, а можеме да добиеме многу!

Македонската репрезентација ќе го отвори настапот на Светското ракометно првенство во Полска и во Шведска со дуелот против Норвешка, вечерва од 20.30 часот. Влегуваме во него со јасна улога на аутсајдер, против репрезентацијата која беше двапати по ред светски вицешампион во последниве шест години, но тоа ни дава за право да играме без товар.

Селекторот Кире Лазаров потсети дека е лесно кога се наоѓате во ситуација кога немате што да загубите, а можете многу да добиете. Со млад тим, на кој му треба искуство, но кој има самодоверба, ќе излеземе да се надигруваме со Норвежаните, вели Лазаров. Нема простор за калкулација на силите и без штедење ќе се игра за сензација.

„Подготвени сме за Светското првенство. Во првиот натпревар играме со Норвешка, репрезентација за за која не треба да зборуваме која е и што е. Играше во финалињата на Мундијалите во 2017 и 2019 година, не успеаја да го освојат, дојдени се да направат голем резултат, сакаат златен медал. Сметам дека во спортот секогаш треба да се верува во нешто невозможно. Денеска и ниие сме во таква позиција, не можеме да загубиме ништо, а можеме да добиеме многу. Има доста прашања дали ќе се штедиме, ама тоа нема да е така, ние ќе одиме од стартот максимално и ќе се обидеме да одиграме еден квалитетен натпревар и ќе видиме до каде можеме, изјави Лазаров.

Конкретниот состав кој ќе ѝ се спротивстави на Норвешка ќе  се знае подоцна денеска, но кој и да игра јасно е дека ќе има многу млади, можеби и сите седум дебитанти.

„Сакам да нагласам дека оваа репрезентација и досега направи многу, за првпат победивме два баражи против квалитетни противници. И покрај сите скептици, успеавме да го задржиме континуиетот на големите собири. Успеавме да се пласираме на СП, а на чекор сме и до пласман на ЕП. Одиме чекор по чекор, резултатите можат да дојдат побргу или подоцна. Што и да се случи, мора само да одиме по нашиот пат. Играме со седум дебитанти на ова СП и треба да бидеме внимателни“, додаде селекторот.

Македонија в недела ќе игра против Холандија, а во вторник со Аргентина.