Лажна дојава за бомба во Сити Мол, МВР приведе две лица

Лажна дојава за бомба во Сити Мол ги извади денеска вработените и купувачите на улица. Околу четири часа полициските службеници ја бараа наводната експлозивна направа. МВР приведе двајца тинејџери поради лажната дојава.
– Полициски службеници од Бирото за јавна безбедност приведоа две лица во врска со лажната дојава за бомба во трговскиот центар Сити мол. Приведени се П.Ц. (19) и А.Д. (19) и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР.

Евакуацијата траела 10-тина минути. Вработените велат дека некои од купувачите во паника трчале низ ходниците, но за среќа нема повредени.

Припадниците на безбедносните сили не дозволуваа никој да се приближи до објектот. Половина час по евакуацијата, од страна на менаџментот беа повикувани по еден вработен во секој локал во Сити Мол.

Поради брзата евакуација, голем од вработените беа излезени во несоодвена облека за временските услови. По речиси два часа им беше дозволено да се доближат до објектот за да ги добијат своите јакни, капути и лични предмети.

Инаку, објектот беше евакуиран цели 4 часа откако претходно анонимно лице пријавило до менаџментот на трговскиот дека во зградата има бомба. Тие веднаш се обратиле до Министерството за внатрешни работи кои испратија бројни полициски екипи за да го опколат објектот, а единицата за антитероризам со кучиња трагачи изврши проверка поединечно на секоја просторија. Додека траеше потрагата, полицијата забрани влез во зградата и движење околу неа.

После четиричасовната акција на единицата за антитероризам, вработените во Сити Мол се вратија на своите работни места, а вратите на трговскиот центар веќе се отворени за посетителите.

Пријавата до МВР пристигнала во 12 часот и 10 минути, во истиот период на разглас била дадена наредба во молот присутните да не креваат паника и сите да излезат надвор. Од управата на трговскиот центар соопштија дека реагирале веднаш и нивните вработени биле обучени по највисоки стандарди да постапуваат во безбедносно ризични ситуации. Набрзо пристигнале полицајците, амбулантните екипи и противпожарната бригада за да интервентираат доколку постои опасност.

Сообраќајот околу објектот беше во застој, а возилата беа пренасочувани по останатите булевари. Вработените од локалите во Сити Мол велат дека не знаеле што се случува внатре, веднаш по наредбата од менаџментот го напуштиле објектот.