Лажните дојави трошат многу сили и ресурси, но полицијата е подготвена, вели Спасовски

-Да се влијае на политичкиот момент во државата, да се влијае на капацитетот на институциите, да се влијае на граѓаните преку предизвикување вознемиреност, несигурност, да се се пласираат лажни дојави, лажни вести…тоа се практично целите кои сакаат да се постигнат со лажните дојави на бомби, кои се случуваа изминатите недели во повеќе скопски средни училишта, вели во интервју за новинската агенција МИА, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој потенцира дека ваквите настани трошат многу сили и енергија, но тврди дека полицијата е апсолутно подготвена со сиот потенцијал и капацитет и дека протоколите за вакви ситуации максимално се почитуваат.

-Меѓутоа, сепак, има полициски станици од општа надлежност, има многу други структури коишто активно работат во секој еден сегмент во зачувувањето на безбедноста. Така што тие што мислат дека ќе предизвикаат ваков еден настан и дека полицијата само таму ќе се сконцентрира, а притоа нема да ги следиме другиве активности тоа е навистина залудно надевање затоа што ние практично и во такви услови на постапување во истиот момент имаме на пример реализација на друга активност – дали е тоа трговија со дрога или криумчарење на мигранти и тоа е практично нешто што ни се случува секојдневно – нагласува министерот.

Спасовски во интервјуто вели дека во лажните дојави за бомби во средните училишта изминативе три недели карактеристично беше што се случуваа во среда, четврток и петок и не само тоа, како што истакна тој, тие се случуваат во една смена кога има само одредени класови и наставен кадар во таа смена. Тој нагласува дека при крај е еден дел од истрагите и појаснува дека кога ги анализираат дојавите, тие во истрагата опфаќаат повеќе аспекти, односно дали се работи за некаква геостратешка цел, дали се економски или политички причините.

За тоа како да се заштитиме, од ваквите, како што многумина велат хибридни закани и како да се спречи создавање паника кај населението, Спасовски нагласува дека тука мора да придонесат сите.

-Упатувам до сите медиумски работници и до сите медиуми порака, заради тоа што навистина е потребно многу одговорно да се однесуваме сите и само тоа е моделот како да се заштитиме од предизвикување на општ хаос или паника. Оние кои имаат најголемо влијание врз граѓаните, тие најмногу можат да придонесат да имаме релаксирање на состојбите во овој момент, односно едно трезвено однесување пред се одговорно кон државата и кон граѓаните. И тоа го покажавме и како институции и како медиуми и како сите структури коишто ни се надлежни во овој дел – порача Спасовски.