Лажните попусти се казнуваат по пријава на потрошувачи

Попуст од 20 до 40 отсто! Сè на половина цена! Нова колекција со попуст од 50 отсто! Телевизор за 500 денари месечно! Ова се само дел од рекламите и летоците со кои секојдневно се судруваме по рекламните паноа, во поштенските сандачиња, продавниците по големите трговски центри, но и во маалските дуќанчиња. Трговците со популарните реклами за попусти мамат пред претстојните празници. Распродажби од типот на американскиот „црн петок“ или „среќни денови“ ги навлекоа граѓаните да ги посетат продавниците, но таму останаа со празни раце. Нивната надеж дека ќе купат апарат за домаќинство намален за 80 отсто како што стоеше на реклама остана само желба, бидејќи истиот е намален само десетина отсто, пишува „Дневник“.

Во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека граѓаните реагираат на лажните попусти, но треба да ги пријават во Пазарниот инспекторат.

„ОПМ постојано работи на застапување на интересите на потрошувачите во земјава и остварува соработка на регионално и на меѓународно ниво, работи на подигање на јавната свест преку информирање и едукација на потрошувачите и создавање и имплементација на соодветна регулатива и конзистентна потрошувачка политика“, вели Маријана Лончар, претседател на ОПМ, за весникот.

Таа вели дека работат на едукација, но немаат извршна моќ и затоа граѓаните доколку утврдат дека се измамени или оштетени од некоја реклама или доведени во заблуда, треба да се обратат до Пазарниот инспекторат.

Продавниците ги „ловат“ граѓаните со нереални бројки и букви. Многу често го гледаме и тоа што не го пишува на рекламата, а многу често е маркетиншки добро одиграно. Ако на рекламата стои до 80 отсто, никој од нас не го гледа „до“ туку поведен од бројката влегува во дуќанот и излегува разочаран бидејќи најголем дел од производите воопшто не се намалени.

Во Пазарниот инспекторат, за „Дневник“, велат дека лажното намалување е честа појава, но грешка на купувачите е што не го пријавуваат. Не кажуваат дали и колку трговци се казнети поради доведување во заблуда на потрошувачите.

Според Законот за заштита на потрошувачите, при распродажба трговците се должни означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, да бидат реални и вистинити, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или процент. Исто така мора да бидат назначени и старата и новата цена. Старата цена мора да се употребува минимум 30 дена пред да почне распродажбата. Трговецот мора физички да ги одвои производите што се ставени на распродажба од производите што не се на распродажба и јасно и на видно место да истакне натпис дека се работи за распродажба. Во некои држави дури и треба да се наведе периодот до кој новата цена важи.

Заштитата на потрошувачите е институционализирана со работата на два сектора, од кои еден го сочинуваат органите на државната управа и други органи и тела на јавниот сектор, а вториот го сочинуваат невладини организации чија дејност е директно или индиректно фокусирана на различни аспекти на заштитата на потрошувачите.

Kога станува збор за првиот сектор, прва е Владата со донесување Програма за заштита на потрошувачите, Министерство за економија и Советот за заштита на потрошувачите. Државниот пазарен инспекторат, кој е во рамките на Министерството за економија, го контролира спроведувањето на законот и ги заштитува интересите на потрошувачите, а Агенцијата за храна и ветеринарство го штити здравјето на потрошувачите со интегриран приод во контролата на безбедноста на храната според принципот „од нива до трпеза“ односно контрола во сите фази на производство и промет на храната.