Лажно репрезентативна „Стопанска комора за Енергетика“, шири лажни вести и паника во македонската јавност!

Стопанска комора од која се појавува само еден човек, веќе неколку години во македонската јавност се претставува како релевантна институција во енергетиката и шири лажни вести поврзани со енергетскиот сектор, пренесува „Лидер“.

Од „Стопанска комора за Енергетика“, објавија информација дека на граѓаните им се краде преку нивните броила, информација за која што не нудат ниту еден доказ, а проверките во ЕВН и во институциите кои ја контролираат велат дека нема ниту еден доказ дека броилата надбројуваат.

Втора информација објавена од комората сугерира дека во Арачиново не се интервенира затоа што се краде струја, туку затоа што наводно треба на граѓаните да им се монтираат некакви броила од кои ќе им се наплаќа повеќе, иако сите јавно видовме дека на дел од трафостаниците во скопско Арачиново, се крадела 98% од електричната енергија.

Во исто време, од истата комора се заговара дека на ЕВН Македонија треба да и се одземе дозволата за работа затоа што на граѓаните им фактурира „дистрибуција на електрична енергија“ односно мрежарина, нешто што им беше наложено да го фактурираат од страна на Регулаторната комисија за Енергетика. Чудно е кога се бара компанија да ја изгуби лиценцата, затоа што постапува согласно со инструкциите од нејзиниот регулатор.

ПОПУЛАРНАТА „КОМОРА“ НЕ Е ДЕЛ НИТУ ОД СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА, НИТУ ОД СОЈУЗОТ НА СТОПАНСКИ КОМОРИ

Во македонските медиуми често може да се прочитаат јавни соопштенија, реакции, постови на социјалните мрежи и прес конференции од наводна „Стопанска комора за Енергетика“. Обично објавите на оваа комора се насочени кон тоа да шират паника во енергетскиот сектор за наводни катастрофални сценарија, но, во изминатиот период зачестено може да се забележат и континуирани напади кон ЕВН Македонија, компанија која дистрибуира електрична енергија до нашите домови.

Колегите од информативните редакции на медиумите во Македонија, многу често ги пренесуваат соопштенијата кои доаѓаат од „Стопанската Комора за Енергетика“, мислејќи дека истата е дел од „Стопанската комора на Северна Македонија“ или „Сојузот на стопански комори на Македонија“ кои претставуваат две репрезентативни комори во земјава во опсегот на компании кои членуваат во нив но и како социјален партнер на државата.

Проверката која ја спроведе редакцијата на Лидер во овие две репрезентативни сојузи на компании, покажува дека „Стопанската Комора за Енергетика“ не членува ниту во ниту во СКСМ, ниту во ССК.

Во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија, која долги години ја предводи Бранко Азески, постои „Македонска енергетска асоцијација – МЕА“ во која членуваат најголемите приватни компании во земјата кои се бават со производство, снабдување и трговија со електрична енергија а претседател на оваа комора е поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Во другата голема стопанска комора во земјава ССК, која ја предводи бизнисменот Трајан Ангелоски, исто така постои групација за енергетика, која го носи називот „Групација за енергетска ефикасност и производство на енергија“.

-Групацијата за енергетска ефикасност е формирана во 2012 година рамки на Индустриската Комора при Сојуз на стопански комори на Македонија. Целта на групацијата е здружување во насока на оптимизација на трошоците за електрична енергија. – стои на нивната веб страница.

Во групацијата на ССК, повеќе членуваат помали производители на електрична енергија и најчесто оние кои се бават со зелена енергија. Сепак и овде како и во Стопанската комора на Македонија, не членува никаква Стопанска комора за енергетика.

Повеќе на Лидер.мк.