Лажна дојава за бомба во Киев пред финалето на Лигата на шампионите

Петте станици на киевската подземна железница ја обновија работата во саботата рано попладнето по проверките поради заканите за поставени експлозивни направи неколку часа пред одржувањето на финалето од Лигата на шампионите во украинската престолнина.

„Сите пет станици се проверени по јавувањето за тоа дека наводно се минирани, Експлозивни направи не се пронајдени и тие се отворени за патниците“, изјави Наталија Макогон, портпаролка на подземната железница во Киев.

Претходно во саботата пет станици на киевското метро беа затворени поради дојава за поставени експлозиви. Засега неидентификувани лица јавиле дека ќе се случат експлозии на фреквентните станици, по што екипи на патролната полиција, истражно-оперативни групи, специјалци за експлозивни направи, екипи со тренирани кучиња и лекарски екипи се испратени на петте станици. Притоа беа евакуирани сите патници и службеници на подземната железница.