Лажната честитка во име на Трамп

страшо ангеловски

Воочи 8 Септември медиумите во Македонија објавија дека претседателот на САД, Доналд Трамп, до претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, испратил порака во која, честитајќи му го празникот, порачува дека „Македонија има многу причини годинава да биде горда. Историскиот договор од Преспа го решава долгогодишниот спор со Грција и отвара пат на Македонија за членство во ЕУ и НАТО“.

Честитка објавена на интернет страната на американската амбасада во Скопје, без потписот на Доналд Трамп. Тоа ќе рече, дека кај еден дел од јавноста, во најмала рака, веќе предизвика сомнеж, а за многумина, кои го препознаа ракописот на Џес Бејли, јасно е дека станува збор за лажна порака испратена во името на претседателот на САД. Лажна порака, како последен очајнички обид, надвор од новата доктрина на надворешната политика на САД, остатоците од „длабоката држава“ на Клинтон и Обама во државава, криејќи се зад туѓ авторитет, да го засилат обидот за бришење на македонското постоење. А, новата доктрина ја објави самиот Доналд Трамп пред Генералното Собрание на Обединетите Нации, во септември минатата година и ја повтори во Давос годинава, кога јасно и гласно порача:

…Суверените држави мора да бидат основата на светскиот поредок. Мораме да ги отфрлиме заканите за суверенитетот… Очекувам сите држави да ги почитуваат интересите на сопствениот народ, но и правата на другите суверени држави…“, уште порача дека „сите одговорни лидери имаат обврска да им служат на сопствените граѓани…“ и дека „Америка нема никому да го наметнува својот начин на живот, но Америка ми е на прво место, како што на останатите политичари треба да им бидат нивните земји…

Искрено верувајќи во искажаното, денешниот мој текст нека биде еден вид јавно обраќање токму до претседателот на САД, господинот Доналд Трамп:

Почитуван,

Вашите зборови пред Генералното Собрание на ООН се патоказ за нас, македонските патриоти, дека мораме да се бориме за сувереноста на нашата држава, која, за жал,овде на Балканите, не е дадена еднаш за секогаш.

Затоа, сакам да Ве уверам дека корумпираните бирократи од „длабоката држава“ на Вашиот претходник, со парите на даночните обврзници на САД, веќе четири години спроведуваат сценарио за бришење на мојата држава од картата на светот, на мојот народ од семејството на народите, на мојот јазик од именикот на јазиците, на мојата историја од историјата на човековата цивилизација.

Денес, иако веќе длабоко навлезени во 21-от век, корумпираните бирократи од „длабоката држава“ на Вашиот претходник, во мојата татковина воспоставуваат систем на владеење од средината на минатиот век, најцрниот систем на комунистичко диктаторско владеење. Со омраза кон се што пројавува македонска гордост и достоинство, од седиштето на Амбасадата на Вашата држава, се диктира Ждановистичко – Сталинистичка пресметка со поинакумислечките, па, се притвораат и судат мајки на малолетни деца, оперски пеачи со светско реноме, актери и режисери, политичари и пратеници, само затоа што сакаа да застанат на патот на изведба на сценариото за бришење на мојата држава. Се забрануваат филмови, текстови и мисли.

Почитуван, имаме ист непријател. Оној истиот кој ги опструира сите Ваши одлуки, кој преку узурпираните медиуми шири невистини за Вас, кој со шаренореволуционерни методи протестира против Вас во Вашата држава, но и ширум светот. На нашиот заеднички непријател, му пречат луѓето со морал, со достоинство, луѓето суверенисти, луѓето патриоти, како нас во Македонија, но и како Вас лично и како американските патриоти кои Ве подржуваат се повеќе.

Ве советуваат, да донесете војска во сите држави на југоисточна Европа заради проширување на влијанието на САД. И, грешат. Влијанието ќе го зголемите само со праведни политики, со исправање на неправдите кон малите народи. Тогаш, влијанието ќе биде длабоко во срцата на овдешните луѓе, а не во цевките на американските пушки како закана за неистомислечките. Има многу мали народи, кои се чувствуваат онеправдани и кои се понадеваа дека правдата ќе дојде со Вас. Ние сите сме свесни дека токму нашиот заеднички непријател, корумпираните бирократи од “длабоката држава“, свесни за својата погрешна политика, е тој кој го успорува или оневозможува процесот на исправање на неправдите.

Но, почнете одовде, од малата Македонија, исправете ја неправдата и, со тоа, двојно ќе ја зголемите надежта кај онеправданите ширум светот и ќе го стекнете влијанието на Вашата исправна политика. Само Ваша брза заложба може да го спречи уништувањето на мојот народ и бришењето на мојата држава од картата на светот.

А, ќе можете ли, почитуван Претседателе Трамп, да ја замислите картата на светот без таа мала точка каде што пишува Македонија, каде што Светиот Апостол Павле прв пат стапнал во Европа? Ќе можете ли да замислите и светите книги од многукнижјето да се менуваат, зашто седум од нив се напишани во или за Македонија? Ќе можете ли да ни ја одземете надежта во правдата и правдината

Можете, секако и да ги проголтате зборовите искажани пред Генералното Собрание на ОН, но тогаш, ќе останете само уште еден во низата кој не собрал сила да ја испише новата историја на човештвото,онаа надежната,онаа еднаквата за сите. Ќе останете само уште еден трофеј во витрината на антицивилизациското неолиберално зло.

На крајот, без разлика на се’, сакам да ве уверам дека ние, македонските патриоти, не смееме и нема да го дозволиме бришењето на нашата држава, зашто, ако го дозволиме, нашите внуци и правнуци ќе доаѓаат да ни плукаат по гробовите. Затоа, почитуван претседателе Трамп, ние како малуброен, но горд и достоинствен народ, ќе се бориме до последните сили за да ја зачуваме државата, името, јазикот, идентитетот и суверенитетот. Она што и за Вас и за нас е света работа.

И затоа, оваа  Ваша порака ќе остане наш аманет:

„Суверените држави мора да бидат основата на светскиот поредок“.

Со почит,

Автор: Страшо Ангеловски, Претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.