ЛДП ќе го поддржи консензуалниот кандидат на СДСМ и ДУИ

Либерално-демократската партија ќе го поддржи консензуалниот кандидат за претседател, кој ќе биде усогласен меѓу партиите на владејачката коалиција, но и со другите вонпарламентарни партии кои ја поддржуваат актуелната власт, одлучиле во петокот вечерта членовите на Извршниот одбор на партијата.

„За Либерално-демократската партија од исклучителна важност е Република Северна Македонија да добие претседател кој ќе ги обедини сите нејзини граѓани, без оглед на нивната национална, етничка или верска припадност, но и претседател кој ќе промовира заедништво, стабилност и реформски капацитет во државата. Во овие историски моменти за нашата држава поважно од кога било е да се обединиме и заенички да градиме економски развиено, стабилно и просперитетно општество“, се наведува во соопштението на ЛДП.

Претходно седмицава Централниот одбор на ЛДП донесе акламативна одлука, доколку партијата одлучи да настапи самостојно на претстојните претседателски избори, нејзин кандидат да биде проф. Д-р Никола Пановски.