Ле Мер го брани тврдењето на Макрон за неопходноста од независност на ЕУ од САД

Францускиот министер за економија Бруно Ле Мер во вторникот го бранеше тврдењето на Европската унија мора да ги изгради својата „независност“ и „стратешко планирање“ во однос на САД, откако за тоа зборуваше францускиот претседател Емануел Макрон по враќањето од Кина.

„Претседателот на Републиката целосно е во право кога бара европска независност и суверенитет, како што тоа го прави од 2017 година. Јасно е дека сме сојузници со САД, споделуваме исти вредности, споделуваме многу заеднички економски интереси, но не мораме да бидеме против Кина затоа што сме сојузници на САД“, изјави Ле Мер за радиото Europe 1.

„И не треба да бидеме дел од ривалството меѓу Соединетите држави и Кина. Ние сакаме да градиме европска независност, да ја јакнеме Европа“, додаде вториот човек во француската влада.

Ле Мер истакна и дека како и ЕУ, и Франција го избира „патот на дијалогот“. „Не ли е тоа подобро од логиката на конфронтација и забрзувањето на секаков судир?“, запраша францускиот министер за економија.

Претседателот Макрон во интервјуто за неделното издание на францускиот деловен весник Les Echos ја отфрли „блоковската логика“ и повика Европа да биде независна од САД и Кина во врска со ситуацијата околу Тајван, како и да го заземе „третиот пол“.

По ваквите изјави, искажани по тридневната посета на Кина, Макрон во вторникот заминува во дводневна државна посета на Холандија, каде што ќе ја претстави својата визија на европски суверенитет и безбедност во економските и индустриските прашања.

Макрон се залага и за обемен план за вложувања во ткн „зелена индустрија“, како одговор на планот кој го иницираше неговиот американски колега по должност Џо Бајден, а кој со големите субвенции ги привлече европските индустриски и технолошки гиганти што директно ја загрозува економијата на ЕУ.

„Не мораме да бидеме фатени меѓу чеканот и наковалната, мораме да изградиме сопствена моќ“, толкуваше во вторникот Бруно Ле Мер.

Како што соопшти во вторникот Елисејскиот дворец, Макрон во разговорот со кинескиот челник Кси Џинпинг истакнал дека прашањето на Тајван мора да се реши преку дијалог.

Пекинг инсистира дека Тајван е негова одметната покраина, зад којашто воено и економски стојат САД. Тензиите во Тајванскиот теснец пораснаа по посетите на американските конгресмени на островот лани, и минатонеделаната средба на тајванската претседателка Цаи Инг-вен во САД со претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Меккарти. Вашингтон изминатите децении ги избегнуваше таквите контакти на високо политичко ниво, за да не ги влоши односите со Кина.