„Леб и сол“ со три концерти во МОБ се разделува од сцената

„леб и сол“

Поради интересот од публиката, ќе има три изведби (20-ти, 21-ви и 22 декември) со специјална програма во која нивните песни ќе прозвучат во оркестарски аранжман. Ќе бидат изведени 15-ина од целиот период на постоењето на групата – од почетокот на кариерата во доцните 1970-ти се до последниот албум. Биле избрани тие што се податливи за симфониски израз – подолги од оригиналните, со нови делови кои ја прошируваат композицијата.

Избравме од тие што се малку поинтелектуални. За голем оркестар и хор треба да се избере точно тоа што може да добие заеднички елемент и добивме нова, уникатна форма, рече клавијатуристот Димушевски на прес-конференција во петокот.

Кокан и Бодан 2

Гитаристот Бодан Арсовски истакна дека во нивната кариера изградиле препознатлив звук, пред се рок, како и музика од други влијанија – џез и техно. Со овој концерт, рече тој, го достигнуваат врвот. Концертот воедно ќе биде и нивно разделување со сцената.

Според Димушевски,  завршуваат нивните концертни настапи затоа што, рече, се има почеток и крај. – Се што е зад нас и останува е музиката. Таа ќе трае барем уште 40 години. Ќе ги нема само концертите под името „Леб и сол“, но од музика не се откажувам, можеби кога ќе наолнам 110 години, рече Димушевски.

Арсовски додаде дека музиката се уште постои во нив. – Меѓутоа, скалилата по кои се качувавме цел живот просторно и временски се потрошија, единствено останаа духовните скалила. Ова ќе биде еден убав чин во предновогодишните празници да ви понудиме нешто што ќе ја исполни вашата душа, рече Арсовски.