Лебот и млекото повторно ќе поскапат и тоа за најмалку 10 отсто

Лебот и млекото повторно ќе поскапат. И покрај замрзнатите маржи, цените на основните продукти и натаму ќе одат нагоре. Од мелничко-пекарската индустрија во  разговор за Сител велат дека ќе чекаат конкретни мерки од Владата до среда. Доколку не добијат помош, лебот и пекарските производи би поскапеле за најмалку 10%. Како главна основа за новите цени ги наведоа екстремно скапите енергенси.

Од истата причина и преработувачите на млеко веќе најавија дека до крајот на следниот месец, млекото и млечните производи ќе поскапат за 20%. Производителите, пак, се чувствуваат оштетени.

„Да, слушнавме од млекарниците дека сакаат повторно да ги поскапат млекото и млечните производи, а нашето млеко останува на иста цена. За овој месец не знам колку ни е платено, сѐ уште не се дојдени пресметките. Парите ги зедовме и мислам дека цената е 28 денари за литар млеко. Тоа е мала цена“, изјави Тони Петковски, сточар.

Производителите бараат откупната цена на млекото да биде половина од продажната во маркетите. Доколку тоа барање не им се исполни, од следниот месец ќе прекинат да го даваат млекото на преработувачите.

– Што ќе се случи во државата ако го прекинеме предавањето на млекото и да го преработуваме дома? Сакам да ми кажат млекарниците. Ако ние прекинеме да даваме млеко, џабе му се капитал и инфраструктура. Кога ќе нема една капка млеко да ја преработат, сѐ е бадијала, вели Петковски.

Дека замрзнатите маржи немаат влијание врз цената, потврдија и економските експерти. Професорот Бранимир Јовановиќ за Сител рече дека добро би било во справувањето со кризата, да земеме пример од регионот и да ги замрзнеме цените, а не маржите на производите.

– Сите земји во регионот поминуваат низ истото. Ја поминуваат истата криза ама немаат сите исти економски резултати. Не се сите толку лоши како ние. Тие оваа криза ќе ја поминат многу подобро затоа што нивните влади се одговорни и на време преземаа мерки. Како што кажав, ги замрзнаа цените на основните прехранбени производи, имаат мерки за покачување на платите и слично, вели Бранимир Јовановиќ, економски професор.

Инаку, Владата ги замрзна на 10 проценти маржите на основните продукти до крајот на годината, а неделава тоа го стори и за сите млечни производи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.