Лефков достави документи во ЈО според кои Ковачевски и Вице барале 250.000 евра провизија

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков достави до Обвинителството документи со кои, според него, се докажува криминалот со државни тендери во РЕК Битола во времето на Васко Ковачевски, а укажуваат за притисок и закани врз бизнисмените Васко Василев и Јани Радивчев сопственици на Рубитон, за да ја отстапат работата за ископ на јаловина која ја добиле на тендер во корист на СВ Инвест или да дадат 250.000 евра во кеш на Вице во Хотел Вила Парк во Струмица.

– Целиот случај е пријавен во МВР, за што е изготвена и кривична пријава. Еве ја … но истата според нашите информации претрпела измени во ЈО или во МВР, и е изваден делот каде што се спомнува Вице. Кој, зошто и дали го направил тоа и фалсификувал јавна пријава треба да утврди ЈО, исто како што треба да се утврди одговорност за рекетарите. Бидејќи Русковска вели дека не е запознаена, еве шанса да се запознае и да и ја освежиме меморијата. Впрочем ова е тест за обвинителството. Бараме ЈО да почне да си ја работи работата и веднаш да ги повика Вице Заев, Стојан Чифлигароски, Горан Крстев, Лазе Велковски и Оливер Спасовски, да ја прибави целокупната документација и да постапи согласно закон. Одговорност мора да има – рече Лефков.

Тој објаснува дека според документите,  сагата и притисокот со цел изнуда на пари врз Рубитон почнува при самото склучување на договорот со РЕК Битола. Рубитон склучува договор за ископ на јаловина во РЕК Битола на 13.08.2018 година. На 24.08.2018 кога побарале влез во РЕК Битола на механизацијата Васко Василев добива повик од тогашниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, да се сретнат, што и се случило во хотел Епинал во Битола. На средбата Ковачевски побарал од Василев да отстапи 50% од работата на СВ Инвест на Стојан Чифлигаровски. На што Василев одговорил дека согласно потпишаниот договор ваквото барање е недозволиво.

– Наредниот ден Василев добива повик од Ковачевски со барање на СВ Инвест да му отстапи 75% од работата. Откако Василев повторно одбил наредниот ден ги повикал сопствениците на Рубитон – Василев и Радивчев на состанок во менувачницата Саат кула, сопственост на Стојан Чифлигаровски, газда на СВ Инвест со барање целосно да ја отстапат работата на СВ Инвест со надомест од 10.000 евра како трошок за тоа што учествувале на тендерот. По што сопствениците чувствувајќи огромен психолошки притисок рекле дека не им треба ништо, само сакаат правно да се раскине договорот без да одговараат. По оваа средба повторно се случува нова, сега веќе четврта, во хотелот Епинал помеѓу Василев, Радивчев и Ковачевски и Чифлигаровски. На која сопствениците на Рубитон му кажале на Ковачевски дека не постои можност за пренос на работата, на која тој им кажал да му дадат 250.000 евра во готово или да му ги однесат лично на Вице во Струмица. По што им го дал и бројот на Вице, стои и е наведено во овие документи кои ќе ги предадеме во обвинителството – вели Лефков.