ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе ја промовира новата стратегија која е наречена „Македонија за сите луѓе“, тоа е еден концепт кој што освен нов визуелен идентитет, ќе нуди вредности прифатливи за огромен број на граѓани, рече во средата опозицискиот пратеник Миле Лефков, одговарајќи на новинарско пршање за новините ко во новата партиска стратегија која подоцна ќе ја претстави партискиот челник Христијан Мицкоски.
Лефков истакна дека станува збор за вредности кои обединуваат и отвораат врати за сите оние кои имаат за цел просперитетна, напредна и достоинствена Македонија.
Според него, понудата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде антипод „на поразите, на неуспесите и на бесперспективноста со оваа власт која што ја води премиерот Зоран Заев.
„Ќе понудиме визија за економски напредна Македонија со целосна заштита на општествените, националните и државните интереси“, нагласи Лефков.
Убеден е дека Македонија има сила и волја да се спротивстави на сиромаштијата и на мафијата која владее со Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе биде носител на таа заедничка борба. Доста му е на народот да гледа како од ден на ден осиромашува, додека кликата на власт околу Заев се богати. Доста му е на народот четирите изгубени години со Заев. Македонија има и капацитет и способност да се спротивстави на тонењето и на понижувањето, да се исправи и да тргне напред“, рече Лефков.
Ги повикува јавноста и граѓаните, како и медиумите, да ги следите активностите во претстојниот период со цел во поединости да се запознаат со новата стратегија „Македонија за сите луѓе“.