Лефков: Оваа влада го загуби кредибилитетот, утре ќе покажеме дека сме заедно против криминал и корупција

Оваа влада целосно го загуби кредибилитетот и граѓаните го кажаа тоа. А утре кога ќе се изгласа недовербата во Собрание ќе видат дека сме заедно и против корупција, криминал, против тоа да ни минуваат наркотици низ државата и да ги возат началници. Ќе кажеме дека сме против тоа да ни горат луѓе во монтажна болница и да нема никаква одговорност за тоа. Утре е денот кога ќе падне оваа влада, изјави во „Топ Тема“ на Телма пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Лефков истакна дека граѓаните на овие избори си го кажаа своето, а во тоа ги мотивираше и Заев кој во залог ја стави својата премиерска функција.

„СДСМ да си ја бара одговорноста кај Заев, тој самиот појде „ол ин“, сам се внесе и своите министри во влогот, го стави во заложба целиот државен механизам и кажа дека доколку загуби ќе си оди. Кога ги виде резултатите вечерта си даде оставка“, рече Лефков.

Во однос на паралелите кои се прават со гласањето на пратеници во скафандер, Лефков истакна дека за петтиот пакет мерки СДСМ правеше театар и во залог ја држеше цела држава и стопанство само за да си гласа други закони, додека за петтиот пакет мерки имаше 112 гласа.

„Целосна невистина е дека присуството на тие двајца пратеници во скафандер беше клучно за пакетот мерки. Ја донесоа во исчекување цела економија и гледаме сега државата во каква економска ситуација ни се наоѓа, што се случува со инфлацијата, цените, енергетската криза, поради таа нефункционалност на власта“, потенцираше Лефков.