Лефков: Оваа Влада нема капацитет, ниту знае да се справи со актуелната ситуација и ја води Македонија од една во друга криза

-Повеќе од јасно е дека оваа Влада ниту има капацитет, ниту знае како да се справи и ја води Македонија од една криза во друга криза. За тоа сме сведоци не само ние политичарите, туку сите граѓани кои секој ден, откако ќе им стигнат сметките за електрична енергија, без разлика дали сте обичен граѓанин или се занимавате со бизнис, ќе видите дека тонеме на секое поле, вели Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека Македонија бележи порази и во образованието, при што нашите ученици и деца ни учат без учебници, имаме порази и кога станува збор за електрична енергија, па сите потфрлања кои што ги имаат државно поседуваните енергетски компании, за жал се плаќаат со пари кои што ги немаме.

– Електрична енергија набавуваме со пари кои ги немаме, односно ги позајмуваме. Единствено реални се провизиите што, за жал, ги земаат овие од власта кои што провизиите ги договараат на исти коалициони средби на кои што се договараат избори на уставни судии и именување на било какви високи функционери. Практично имаме урнисување на секое поле. Дали ќе стане збор за демократијата, каде што гледаме едно целосно нефункционално Собрание, дали ќе стане збор за економијата, видоме и гедаме дека македонскиот бизнис плаќа двојно поскапа електрична енергија од онаа која што ја плаќаат бизнисмените во регионот, истакна Лефков.

Сето тоа, според Лефков, е поради немањето капацитет, неодговорност, криминал и корупција што се присутни кај владината коалиција, кои единствено се грижат за личниот профит на одредена нивна партиска елита.

– И за жал, ќе видите сега дека во Македонија има инфлација од 18,7%, а една од најголемите лаги кои што тие ги повторуваат дека инфлацијата во Македонија била увезена. Погледнете го надворешниот трговски биланс и ќе бидите дека размената на Македонија е со Германија, со Бугарија, со Србија, со Грција и збирно тие држави имаат инфлација, меѓутоа таа инфлација не надминува 10,5 или 10,6 проценти. Корупцијата може да биде измерена кога ќе ги погледнете бројките за набавка на електрична енергија или за плаќање на високи пенали кои ги плаќаме за неовластено преземање на струјата од европските енергетски системи, и инфлацијата може да биде измерена кога ќе погледнете дека во Македонија има пад на индустриското производство и пад на продуктивноста на трудот, посочи Лефков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.