Леганес ја намачи Барселона

Во последната неделна средба во рамките на 20-то коло на шпанското фудбалско првенство, Барселона на својот „Камп Ноу“ успеа да го победи незгодниот Леганес со 3:1, но дури откако на 25 минути до крајот во игра влегоа Лионел Меси и Иван Ракитиќ.

Барселона со повеќе измени во почетниот состав истрча на теренот против Леганес, но сепак доминираше предводена од Усман Дембеле кој неколкупати ја „измеша“ гостинската одбрана, а својата екипа ја доведе во водство во 32 минута. Гостите се обидуваа од противнапади да искористат пукнатина во домашната одбрана, а тоа му успеа на Мартин Брејтвајт во 57 минута.

Барса не сакаше да ризикува па веќе по седум минути во игра влегоа Ракитиќ и капитенот Меси кој го замени стрелецот Дембеле. По седум минути Аргентинецот пред противничкиот шеснаесетник изведе карактеристична за него акција, шутираше кон поблиската статива а Пичу Куељар одлично интервенираше, но на одбиената полувисока топка заедно со противничкиот голман стартуваше и Лиус Суарез кој ја спроведе топката во мрежата. Се чини дека судијата немаше да згреши доколку го поништеше погодокот, иако гостинскиот голман не настрада во дуелот. Сите дилеми ги разреши Меси го судиското продолжение.

Барселона по оваа победа повторно има пет бодови повеќе од Атлетико Мадрид, додека сега на третото место е Реал Мадрид со десет бодови заостанување (36 бодови).

Претходно во неделата Реал Бетис со пенал во четвртата минута од судиското продолжени победи со 3:2 во неизвесниот дуел со Жирона. Домашните поведоа со голот на Тељо во 12 минута, но гостите направија пресврт преку Гарсија во 36 и Думбиа во 44 минута. Морон во 54 минута израмни а бодовите во Бетис останаа со погодокот на Каналес во последните моменти пред последниот свиреж на судијата. Реал Бетис сега има 29 бодови кои го доведоа до седмото место на табелата, а Жирона остана на 24 бодови со кои е на 12-то место и може да назадува уште една позиција по комплетирањето на колото во понеделник.

Леванте го совлада дома Вајадолид со головите на Коке во 42 и Рожер Марти во петтата минута од продолжението. Леванте е десетти со 26 бодови, а Вајадолид е 15-ти со 22 бодови.

Во дербито на долниот дел од табелата играчите на Вилјареал постигнаа два гола но дуелот со Атлетик Билбао заврши без победник 1:1. Гостите поведоа со автоголот на Коста во 18 минута, а израмни Екамби во 71 минута. Вилјареал во борбата за опстанок загуби важни бодови и остана претпоследен 19-ти со 18 бодови, три помалку од местото кое обезбедува опстанок. Атлетик, пак, се оддалечува од опасната зона и сега е на 13-то место со 23 бодови.

Без победник (2:2) заврши и дуелот Рајо Ваљекано и Реал Сосиедад, при што домашните испуштија водство од 2:0 до кое дојдоа со голивте на Комесана во 22 и Ембаррба во 28 минута. Гостите во првиот дел во 39 минута намалија преку Морено, а израмни Хозе во 82 минута. Рајо е 18-то со 20 бодови, а Сосиедад е осми во групата тимови со по 26 бодови.

Во понеделник колото ќе го комплетира дуелот меѓу Еибар и Еспањол.