Лејкерс продолжуваат со реконструкција на тимот

Во текот на викендот, тимот на Лос Анџелес Лејкерс веќе ангажира три нови засилувања за претстојната сезона.

Иако не станува збор за големи ѕвезди, тоа се играчи со богато искуство кои би можеле да му помогнат на тимот да се врати во врвот на НБА. Пред два дена, за вториот најтрофеен тим во лигата потпиша досегашниот член на Индијана, Рој Хиберт, а од синоќа, нови членови се Лу Вилијамс и Брендон Бас.

Вилијамс доаѓа од Торонто Репторс откако лани беше прогласен за најдобар шести играч во лигата. Во следните три сезони тој ќе заработува по седум милиони долари годишно, а дојде како слободен агент бидејќи договорот со Торонто му истече летово.

Како слободен играч доаѓа и 30-годишниот Брендон Бас и тоа од Бостон Селтикс. Последмната сезона тој одигра само 39 натпревари како стартер и просечно постигнуваше по 10,6 поени и 4,9 скока.

За да отворат место во селари капот, челниците на Лос Анџелес Лејкерс инсистираат да го продадат Ник Јанг, но за него тешко се наоѓа заинтересиран клуб.

Инаку Лејкерс го имаа правото како втори да избираат на годинешниот драфт, каде како нова аквизиција го селектираа Д’анџело Расел, во кого многумина гледаат како замена на Коби Брајант.

Според овие поместувања кај “езерџиите”, може да се очекува дека полека но сигурно тимот повторно ќе има аспирации кон плеј оф разигрувањето, а можеби и поголеми.