Лекар во МВР ќе ги „прегледува“ апликациите за пасош

Над 100 граѓани преку подрачните управни одделенија досега поднеле барање за да им се издадат пасоши по избивањето на пасошката криза поради недостаток на обрасци. Сите тие барања сега се во рацете на комисијата на МВР која ќе одлучува.

Министерот Чулев соопшти како ќе оди сега целата процедура, до стигање на новите пасоши на 24-ти март. Приоритет ќе имаат оние со медицински потреби, потоа оние кои како државни претстваници одат на натпревари или конгреси. А ќе одлучува нова комисија на МВР.

-Барав од владата решение, но немаше политичка волја, па затоа формиравме комисија во МВР. Во неа ќе има медицинско лице-доктор за да утврди колкава е медицинската итност на барањата. Ги известувам граѓаните кои се пријавиле веќе за пасош или имаат итна потреба тоа да го сторат во управните одделенија на полициските станици во нивниот град. Барањата ќе се разгледуваат наредниот ден, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

 

 

Тој смета дека набавката е извршена предоцна, и за неа по пријава од МВР веќе е отворен и предмет во обвинителството.