Лекари од Дигестивна хирургија: Згрозени сме од обидот за убиство и повикот за линч на лекарите

Лекарскиот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија-Скопје најостро го осудува говорот на омраза во јавноста искажан преку социјалните мрежи, портали односно пишаните и електронските медиуми, се вели во соопштението.

-Она што особено нè загрижува е отсуството на реакција на повиканите институции истото да го спречат, осудат и санкционираат. Разбирајќи го незадоволството на граѓаните поради длабоко нарушената доверба: лекар-пациент, сепак е неразбирлив од наша страна повикот за линч на сите лекари. Згрозени сме од настанот кој се случи на  09.11.2015 година односно обидот за убиство на нашиот колега на неговото работно место и реакциите на јавноста. Читаме се посилни повици за линч на лекарите и ширење на лажни информации за кои цврсто веруваме дека се невистинити. Се деградираат професионалци кои со љубов и пожртвуваност ја работат својата хумана професија и отсуството на поддршка во вакви тешки моменти особено нè повредува. Таквите реакции само го продлабочуваат јазот и никому нема да донесат добро, ниту пак водат кон некакво решение, се вели во соопштението испратено од лекарскиот колегиум на Клиниката за дигестивна хирургија.

Министерот за здравство Никола Тодоров по состанок со лекарите истакна дека во четврток и петок на Клиниката ќе се примаат самоо итните случаи, додека елективните и амбулантски прегледи ќе се извршуваат во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и ГОБ „8-ми Септември“.