Леклер нема да биде број 1 на Ферари во 2020 година

Себастијан Фетел изјави дека конечниот пласман во овогодинешниот шампионат нема да утврди дали тој или Шарл Леклер ќе биде лидер на Ферари следната година. На почетокот на оваа сезона, „Скудерија“ одлучи да му даде приоритет на четирикратниот светски шампион, но тоа набрзо падна во вода откако неговиот нов колега одби да ги почитува наредбите на тимот.

Во моментов, на два старта пред крајот на сезоната, Леклер води пред Фетел со 19 поени, а единствена остварлива цел е двајцата црвени пилоти да се борат против Верстапен за третото место.

– Нашата амбиција е да завршиме на третото место, бидејќи очигледно не можеме да завршиме на прво и на второ место. Мислам дека тоа нема да направи разлика следната година, вели Фетел.

Во однос на квалификациите, Леклер води пред Фетел со 10:7, а по Франција, Шарл има серија од девет последователни квалификации,во кои завршува пред неговиот тимски колега.

– Шарл се справува добро во квалификациите, тоа мора да му го признаам. Јас немав најдобри сесии оваа година, работите не излегоа по мој вкус. Ги изгубив работите од раце поради различни причини. До крајот на годината, нашата цел е да настапувам добро во сабота, не само во недела, вели тој.