Лекот „ивермектин“ после Божик и во домашните аптеки

На 31 декември е издадена дозвола од Агенцијата за лекови за увоз на лекот „ивермектин“ за лекување на пациенти со ковид-19.

– До крајот на оваа или на почетокот на другата недела верувам дека во државава ќе стигне лекот „ивермектин“, кој ќе се користи во лекувањето на заболените од ковид-19 – изјави за МИА директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства, Љирим Шабани.

Тој посочи дека ги одобриле сите барања кои ги имале од болниците и веледрогериите кои исполниле услови.

– Дадовме одобрение за увоз и останува на компаниите на фармацевтските куќи кога ќе можат да го донесат лекот. Ни најавија дека има полициски час во неколку држави и дека тешко ќе биде за неколку дена да стигне лекот. Најверојатно ќе стигне или крајот на оваа недела или на почетокот на другата недела, односно после Божик кога ќе бидат слободни патиштата за транспорт. Ние ги завршивме сите административни проедури и сега прашањето е техничко кога ќе можат тие физички да го донесат, имајќи предвид дека има локдаун во неколку држави поради празниците. Како и да е, за скоро ќе биде. Верувам дека за недела дена или за десет дена ќе го донесат – рече Шабани.

Стручна комисија формирана од министерот за здравство Венко Филипче даде позитивно мислење за лекување на пациенти со ковид-19 со „ивермектинот“. Овој лек дава голема надеж во третманот на пациентите со коронавирус, затоа што кај тие што го користат дава подобрување дури и по неколку дена од првите симптоми на болеста, и ја намалува смртноста.

Во меѓувреме, граѓаните го набавуваа лекот на црно од соседна Грција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.