Лектори по македонски јазик во сите институции и задолжителен предмет на факултетите

Со предлог законот за употреба на македонскиот јазик за кој денеска почнува јавна расправа се предвидува задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високообразовни установи во два семестри и натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети.

„ Во предложениот Закон, со промените се предвидува задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието и министерствата на Република Северна Македонија, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други чинители во општествениот живот во земјава, како во државниот така и во приватниот сектор, соопшти владината Прес-служба.

Во соопштението се истакнува дека со предлог-законот се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високообразовни установи во два семестри, што не беше практика досега, а првпат се предвидуваат и стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.

„ Согласно измените на предложениот Закон, предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високообразовните и научните установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои се изучувал досега, како и во оние држави каде што македонскиот јазик воопшто не бил застапен досега. Ова особено се однесува за соседните земји Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, како и на земјите од поширокото соседство: Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција, информираа од владината прес-служба.

Од таму исто така посочуваат дека со новиот закон се предлага, македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на  во странство, за што ќе се консултираат и Македонците во дијаспората.

„ Нацртот на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик има за цел не само издигнување и зацврстување на употребата на македонскиот јазик на сите рамништа, туку треба да ги привлече и сите граѓани на кои македонскиот јазик не им е мајчин. И во таа смисла е во согласност со Законот за употреба на јазиците.

Новиот Закон е во насока на нашиот јазик за евроатлантските интеграции и за неговата службена употреба во овие институции и во насока на спротивставување на сите напади и негирања однатре и однадвор, на кои, за жал, сме сведоци и во 21 век и на почвата на Европа“ соопштија од Прес-службата на Владата.

Нацрт законот е подготвен од стручно тело на Владата чиј претседател е Људмил Спасов, а по  серија одржани  подготвителни состаноци и седници со македонисти и членови на Советот за македонски јазик.