Лемурите се најзагрозените примати на планетата

Деведесет и пет остсто од светската популација на лемурите се на работ од изумирање, што ги прави најзагрозени примати на Земјата, објави Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN).

Лемурите, симпатични арбореални примати со издолжена муцка и изразено големи очи, живеат единствено на Мадагаскар, а таму се загрозени од неконтролираните сечи на шумите, од ширењето на земјоделските земјишта, ловот и рударството.

„Тоа, без никаков сомнеж, е најголемиот процент на загрозени видови на која и да е голема група цицачи и која и да е група ’рбетници“, вели Рас Митермаер од IUCN.

Од вкупно 111 виови и подвидови лемури, загрозени се 105, тврди споменатото здружение.

„Трендот кој најмногу загрижува е зголемување на ловот на лемурите, вклучувајќи го комерцијалниот лов. Тоа достигна досега незабележано ниво“, вели директорот на одделот за конзерваторство на британското зоолошко друштво, Кростоф Швајцер.

„Лемурите за Мадагаскар претставуваат она што се големите панди за Кина, ’златни кокошки’ коишто ги привлекуваат туристите и љубителите на природата“, истакнува Јохан Ратсимазафи, од мадагарското здружение за заштита на животните GERP.

Мадагаскар, инаку, е една од најпознатите држави во светот според биоразличностите.

Од IUCN на крајот од своето предупредувачко соопштение истакнуваат дека започнуваат голем акциски план за заштита и опстанок на лемурите.