Лепен и Дупон-Ењан формираа предизборна коалиција

Француските партии Национален фронт, од крајната десница, и партијата Исправи се Франција, во саботата ја објавија нивната предизборна коалиција, којашто првиот тест ќе го има веќе на вториот круг од претсдателските избори на 7 мај.

Коалицијата на заедничката прес-конференција во саботата ја објавија челниците на двете партии, Марин Лепен на Националниот фронт, односно Николја Дупон-Ењан на Исправи се Франција, пренесе AFP.

Како што истакнала Лепен, целта на формираната коалиција е да „се остварат промените, коишто ги очекува земјата“. Таа додаде дека доколку победи на претседателските избори, за премиер ќе го именува токму Дупон-Ењан .

Минатата недела, на 23 април, во Франција се одржа првиот круг од претседателските избори. Според резултатите во водство е челникот на движењето Напред, поранешниот министер за економија Емануел Макрон со 24,01 отсто од гласовите и во вториот круг на 7 мај  ќе се соочи со челничката на Националниот фронт, Марин Лепен, која освои 21,3 отсто од гласовите.

Дупон-Ењан во првиот круг од 11 кандидати се пласираше на шестото место, со освоени 4,70 отсто од гласовите на француските избирачи.

Сепак, сите анкети покажуваат дека и поради повиците на кандидатите кои отпаднаа од трката и од челниците на двете етаблирани партии, владејачката Социјалистичка партија и најголемата опозициска конзервативна Републиканци да се гласа против Националниот фронт, Макрон уверливо ќе ја победи Лепен.

Но некои аналитичари постојано предупредуваат од можното повторување на „изненадувањето Трамп“, односно на ланските американски избори кога сите анкети покажуваа пораз на актуелниот претседател Доналд Трамп. Се потсетува и на референдумот од 23 јуни 2016 година, кога наспроти резултатите од испитувањата на јавното мнение, победија приврзаниците на истапувањето на Велика Британија од Европската унија.