Лесјак и Дејвис промовирани во нови ракометари на Еурофарм Пелистер

Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер денеска ги претстави словенечкиот голман Урбан Лесјак и португалскиот среден бек Вилсон Дејвис за свои нови засилувања.

„Кога стигна опцијата за Битола веднаш ми беше интересна. Градот го знаев бидејќи играв тука со Хановер, Филип Кузмановски ми кажа многу убави зборови за клубот, градот, организацијата, сопственикот и засега сè функционира супер и едвај чекам да почнат натпреварите“, изјави за клупскиот сајт голманот на словенечката ракометна репрезентација.

„Имаме добар ростер, имаме луѓе зад нас во клубот кои добро работат и верувам дека ова е добар проект“, додаде Лесјак кој последните четири години го бранеше голот на бундеслигашот Хановер.

Редовите на битолскиот прволигаш од новата сезона ќе бидат посилни и за средниот бек на португалската репрезентација Вилсон Дејвис, кој дојде во редовите на Еурофарм Пелистер по три сезони минати во францускиот прволигаш Иври.

„Можноста да дојдам тука ми ја понуди мојот менаџер, кој ми ја претстави идејата на клубот да конструира силен тим за да ги освои домашните трофеи. Тоа ме заинтересира многу и не беше тешко да се одлучам да потпишам за овој клуб“, изјави Дејвис за официјалниот сајт на Еурофарм Пелистер