Лес Екхо: Макрон може да го изгуби апсолутното мнозинство во Националното собрание

Дваесетмина пратеници планираат да ги напуштат редовите на макронистичката партија „Републиката во марш“ и да формираат нова група со триесет други пратеници.  Иницијатива која, според париски „Лес Еко“ може да се реализира во текот на следната недела и да го загрози апсолутното мнозинство на владата во Националното собрание, јави дописникот на МИА.

По здравствената криза и економска криза, извршната власт може наскоро да се соочи и со политичка криза, смета „Лес Екхо“.

Групата ЛРЕМ  (Републиката во марш) веќе изгуби 18 пратеници од почетокот на мандатот во Националното собрание, но таа сега може да претрпи нов силен удар следната недела. Според информациите од „Лес Еко“ потврдени и за „Фигаро“, дваесетина пратеници од ЛРЕМ  се подготвуваат да се отцепат и да се приклучат на деветтата парламентарна група, наречена „Екологија, демократија, солидарност“. Севкупно, оваа група би можела да обедини околу педесетмина пратеници, чија главна заедничка точка ќе биде оддалечување од некои од ориентациите преземени од Емануел Макрон од почетокот на мандатот и со функционирањето на претседателското мнозинство.

Иницијативата, која е во подготвка веќе неколку недели, требаше да биде реализирана по општинските избори, на крајот на март. Сепак, тоа беше спречено од кризата со коронавирусот, што доведе  и до одложување на вториот круг на изборите.

Според основачкиот текст на овој нов проект, со кој дошол „Фигаро“, потписниците имаат намера „да одговорат на вонредната еколошката состојба, да ја модернизираат демократијата, (и) да ги намалат социјалните и територијалните нееднаквости“. Групата најавува дека ќе биде „целосно оперативна од 1 јуни“. „Ниту во мнозинството, ниту во опозицијата“, се најавите од групата, како „сила, подготвена за градење односи со владата и мнозинството секогаш кога ќе бидат слушнати (нивните) предлози, како и со сите политички кругови, да се изгради мнозинство на идеи “.

-Никој од пратениците засега не поднесе оставка од ЛРЕМ. За овој проект се разговара веќе неколку недели. Остануваме силно мнозинство, особено со нашите партнери од МОДЕМ, изјави претседателот на групата Жил Ле Жендр.

Доколку се случи ова отцепување, ЛРЕМ ќе го изгуби апсолутното мнозинство (289 пратеници), што го одржа од 2017 година.  ЛРЕМ како сојузник во Собранието ги има МОДЕМ и Ажир, партии што ќе му овозможат и натаму да има мнозинство.