Лестер ја прекина низата на Јунајтед, Арсенал се разигра во дербито со Челзи, победи на Сити и Евертон

Во првиот дуел од 15-то коло на англиската Премиер лига на ткн Боксинг Деј, ден по католички Божик, Лестер Сити и Манчестер Јунејтед одиграа 2:2, Арсенал конечно беше убедлив и со 3:1 го совлада градскиот ривал Челзи, а Евертон ја постигна чертвртата победа во серија

На својот стадиот „Кинг Пауер“ Лестер ја прекина застрашувачката серија на Манчестер Јунејтед од десет последователни победи.

„Црвените ѓаволи“ од Манчестер поведоа во 23 минута со голот на Маркус Рашфорд кому му асистираше Бруно Фернандеш, а осум минути подоцна за „Лисиците“ израмни Харви Барнс со удар надвор од шеснаесетникот. Новото водство за Јунајтед го донесе Фернандеш во 79 минута по проигрување од Единсон Кавани, но 11-та победа во низа ја спречи автоголот на Аксел Теинзебе по ударот на најдобриот стрелец на Лестер, Џејми Варди.

Манчестер Јунајтед сега е четврти со 27 бодови, бод помалку од третопласираниот Лестер, но „Црвените ѓаволи“ имаат и еден заостанат натпревар.

 

Во дербито на ова коло Арсенал ја оствари првата победа по осум првенствени кола, со што го има најлошиот старт во најквалитетното англиско натпреварување во последните четири децении.

„Топчиите“ ги дочекаа „Сините“ потресени од длабоката резултатска криза во која паднаа на 15-то место на табелата со само три бодови повеќе од зоната на испаѓањето. Поради тоа бодовите беа особено важни за тимот, како и за тренерот Микел Артета кој веројатно со евенетуален пораз ќе мораше да си ги пакува коферите.

Императивот на победа, се чини, позитивно овојпат влијаеше врз играчите на Арсенал, одиграа одлично и сосема заслужено славеа против градскиот ривал кој се прикажа во многу бледо издание, а првиот удар во рамките на противничкиот гол го упати дури во 85 минута.

Головите за Арсенал ги постигнаа Александер Лаказет од пенал во 34 минута, Гранит Џака во 44 и Букајо Сака во 56 минута, додека за Челзи прецизен беше Тами Абрахам во 85 минута. Гостите во 90 минута имаа и пенал, но Бернд Лено го одбрани слабо изведениот удар на Жоргињо.

Арсенал, барем до недела навечер, сега со 17 бодови ќе биде на 14-то место на табелата и ќе му бидат потребни уште вакви игри за да се оддалечи од опасната зона. Челзи, пак, со 25 бодови моментално е на седмото место.

 

Евертон со четвртата победа во низа потсети на успешниот старт на сезоната по кој следеше резултатски пад, и со 1:0 со погодокот на Гилфи Сигурдсон во 80 минута го победи Шефилд Јунајтед.

Евертон така со 29 бодови се проби на второт место на табелата зад градскиот ривал Ливепрул кој има 31 бод но и меч помалки кој во недела ќе го одигра со ВБА. Шефилд Јунајтед и натаму е единствената екипа која досега сезонава нема остварено победа во Премиер лигата и е со две ремија со само два бода е убедливо последен.

 

Манчестер Сити на домашен терен рутински славеше со 2:0 против Њукасл Јунајтед. Стрелци за „Граѓаните“ беа Илкај Гундоган во 14 и Феран Торес во 55 минута.

Манчестер Сити сега е на петтото место со 27 бодови, но има и заостанат натпревар против Астон Вила. Њукасл, исто така, има одиграно 14 меча во кои освои 18 бодови со кои е на 12-то место.

 

Астон Вила иако цело полувреме играше со играч помалку, на домашен терен со 3:0 беше убедлива против Кристал Палас. Домашните поведоа уште во 5 минута со погодокот на Бетран Траоре, а во последните моменти од првото полувреме црвен картон му беше покажан на Тајрон Мингс. Но и со играч помалку во вториот дел Астон Вила успае да постигне уште два гола, преку Кортни Хаус во 67 и Анвар ел-Гази во 76 минута.

Со новите три бода Астон Вила собра вкупно 25 бодови од 13 кола и моментално е на шестата позиција и може да биде мината единствено до Тотенхем. Кристал Палас, пак, остана засега на 13-то место со 18 бодови.

 

Фулам и Саутемптон одиграа без голови. Гостите беа поблиску до трите бода, имаа две одлични шанси а еднаш ја погодија и стативата, а дури два погодока им беа поништени по прегледувањето на ВАР-от.

Фулам остана на 18-то место, последното кое обезбедува играње квалификации за опстанок со 11 бодови, а Саутемптон е 9-ти со 25 бодови.

 

Неделната програма во Премиер лигата ја отвора дуелот Лидс Јунајтед – Барнли, потоа играат Вест Хем – Брајтон и Ливерпул – Вест Бромвич Албион, а ја затвора мечот Вулверхемтон – Тотенхем.