Лестер подобар од Арсенал, се проби на второто место, Челзи привремено трет

Џејми Варди, Лестер Сити

Во последниот и најинтересен натпревар од саботната програма во англиската Премиер Лига, Лестер пред своите навивачи со 2:0 (0:0) го совлада Арсенал, искачувајќи се привремено на второто место на табелата.

Иницијативата и многу подобрата игра Лестер ја круниса во 68 минута кога најдобриот стрелец на „Лисиците“, Џејми Варди погоди за водство. Конечните 2:0 ги постигна Џејмс Медисон во 75 минута со удар од работ на шеснаесетникот, по додавањето на Варди.

Лестер со 26 бодови сега е на второто место колку што има и треопласираниот Челзи. Тоа се пет бодови зад Ливерпул кој во неделата попладне на својот „Енфилд“ го пречекува Манчестер Сити.

Фудбалерите на Шефилд Јунјатед одиграа храбро и успеаја да дојдат до еден бод на гостувањето кај Тотенхем во мечот кој го одбележа спорна одлука на ВАР-от. Тотенхем поведе во 58 минута по грешка на гостинската одбрана која просто му ја додаде топката пред петерецот на стрелецот Сон. Само две минути подоцна гостите израмнија преку Мекголдрик, но ВАР-от заклучи дека асистентот Енда Стивенс бил во офсајд при приемот на топката,што не можеше да се забележи на снимката, но сепак погодокот беше поништен. Во 78 минута гостите уште еднаш постигнаа гол, а стрелец беше Џорџ Балдок, но и оваа ситуација бепе проверувана со ВАР, па играчите на Шефилд повторно минуваа напнати моменти додека на семафорот не се појави информацијата дека голот е регуларен.

Шефилд со освоениот бод привремено е на петтото место со 17 бодови, додека актуелниот европски вицешампион Тотенхем е само 12-ти со 14 бодови.

Евертон оствари важна гостинска победа од 2:1 кај Саутемптон и така побегна од опаснта зона. Гостите од Ливерпул повеода уште во 4 минута со голот на Дејвис, а домашните израмнија преку Ингс во 50 минута, а сепак трите бода на Евертон му ги донесе Ричарлисон во 75 минута.

Евертон моментално се искачи на 13-то место со 14 бодови, шест повеќе од опасната зона, каде Саутемптон е претпоследен 19-ти со 8 бодови.

Со пресврт до триумф пред своите навивачи дојде Њукасл во дуелот со Борнмут. Вилсон ги доведе гостите во водство во 14 минута, а до полувремето во 42 израмни Једлин, а целосниот пресврт во полза на домашните го направи Кларк во 52 минута.

Њукасл собра 15 бодови со кои сега го мина Тотенхем и е на 11-то место, додека Борнмут остана на 16 бодови со кои привремено е на седмото место на табелата.

Барнли беше сигурен со 3:0 дома против Вест Хем Јунајтед, а стрелци беа Барнс во 11, Вуд во 44 и Хименез постигна автогол во 54 минута. Барнли е деветти со 15 бодови, а Вест Хем е 16-ти со 13 бодови.

Во првиот саботен меч Челзи на својот „Стемфорд Бриџ“ го совлада Кристал Палас со 2:0. Лондонските сини во 52 минута одиграа одлична акција која по левата страна ја започна Матео Ковачиќ, кој додаде до Вилиан на работ од шеснасетникот а овој само ја проследи до 22-годишниот Тами Ејбрахам кој остана очи в очи со гостинскиот голман и смирено пласираше под него. Во 79 минута Кристијан Пулишич го најде Батшуаи во центарот на гостинскиот казнен простор, ударот на Белгиецот беше блокиран но токпата се одби точно на главата на Пулишич кој со прецизен удар го удвои водството на Челзи.

Челзи со осмата победа сезонава привремено дојде до третото место на табелата со 26 бодови, еден повеќе од третопласираниот Манчестер Сити и пет помалку од водечкиот Ливерпул кои својот дуел го играат во недела. Кристал Палас остана на 15 бодови и моментачно е на деветтото место.