Летаат „глави“ во антирасистичкиот бран, или „поправање“ на историјата

Склуптурата на белгискиот крал Леополд Втори, спорен за некои поради колонијалното минато на Белгија, е отстранет во вторникот од јавниот простор во Антверпен и се преместува во музеј, а по уривањето на спомениците на личностите кои се споменуваат како тровци со робови во Велика Британија се шират барањата за остранување на скулптурите на лицата поврзани со колонизаторските политики.

Одлуката за преместувањето на споменикот на белгискиот крал следеше по протестите на неколку илјадници луѓе во текот на изминатиот викенд против расизмот кои се проширија од САд по смртта на 46-годишниот афроамериканец Џорџ Флојд, кој е жртва на бруталноста на американската полиција која е обвинета за системски расизам.

Споменикот на Леополд Втори во близина на црквата во Екерен беше вандализиран минатата седмица, како и други скулптури и бисти со неговиот лик. Овој потомок на германската династија Сакс-Кобург, бил крал на Белгија во периодот од 1865 до 1909 година, и запаметен е по колонизирањето на Конго, каде што во името на „цивилизациската мисија“ воспоставил власт којашто историчарите ја опишуваат како многу брутална, заснована на експлоатација на локалното население со присилна работа на производството на каучук.

Јохан Вермант, портпаролот на градоначалникот на Антверпен, изјави дека споменикот во секој случај требало да биде тргнат од местото до 2023 година поради обновување, но имајќи предвид дека е „тешко вандализиран минатата седмица“ преместувањето во музејот „Миделхејм“ ќе се случи порано.

Покрај протестите под мотото „Црните животи се важни“ во Антверпен, Брисел и Лиеж минатиот викенд, прашањето на расизмот и насилството кон црнците е предмет на петицијата којашто се потпишува во Белгија, којашто како и многу земји во западна Европа предупредува дека расизмот е „жилав“ и кај нив, а не само во САД.

Групата наречена „Да ја поправиме историјата“ бара повлекување од јавните простори во Брисел на сите споменици на Леополд Втори, суверен кого го сметаат одговорен за „истребување“ на милион жители на Конго.

 

Бран уривање на спомениците на колонизаторите

По спектакуларното уривање на статуата на трговец со робје во Бристол, се поставува прашањето кои следни камени или бронзени „глави ќе паднат“, во решителноста на антирасистите да се отстранат од јавните простори симболите од колонијалистичкото минато, коешто, пак, е главната причина за богатствата и материјалните благосостојби во кои и денес уживаат многу западноевропски земји.

Во неделата споменикот на Едвард Колстон, трговец со робје од крајот на XVII век кој финансирал градење многу значајни градби и формирање многу институции во Бристол, е урнат од постаментот и фрлен во река. Подоцна во вторникот ноќта, во времето кога во САД е предвиден погребот на Џорџ Флојд, се предвидува во британски Оксфорд уривање на споменикот на Сесил Родс, рударски магнат, политичар колонизатор кој бил активен во денешната Јужноафриканска Република во XIX век.

Пред четири години, слични собири на повик на групата „Rhodes must fall“ (Родс мора да падне) не дадоа резултат, кога Ориел Колеџ одлучи да ја зачува скулптурата пред зградата на факултетот. Петицијата за нејзино отстранување до петокот претпладнето собра 16.000 потписи. Со отвореното писмо до заменикот на деканот на универзитетот со потписот на повеќе од 6.000 и здруженија, се бара да се „направи повеќе“ за да се искорени расизмот од овој угледен универзитет на кој „и денес црните студентите се подзастапени“.

Национална дебата

Во водеопорака британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека ги „разбира“ мирните протести, но ги осуди оние кои го кршат законот, ја напаѓаат полицијата и ги вандализираат јавните споменици.

Дебатата за колонијалното минато на Обединетото Кралство не е нова и е предмет на притисоци кои траат, во прв ред со барањето на Грција од Лондон да ѝ биде вратен славниот фриз од атински Партенон кој е изложен во лондонскиот музеј. Но интересно никогаш, или извонредно ретко, во овие јавни дебати се споменуваа круната под чие покровителство всушност се одвивала колонизацијата.

Универзитетите сега ја преиспитуваат и својата историја, па така минатата година еден од најреномираните во светот универзитети Кембриџ ја започна истрагата за да утврди дали и самиот бил финансиран со пари заработени со трудот на црните робови.

„Време е за отворена расправа за наследството на колонијализмот во Велика Британија“, објави на Twitter пратеничката на опозициските лабуристо, Лајла Моран.

Кампањи за отстранување на спомениците на личностите од периодот на колонијализмот траат и во британските покраини Велс и Шкотска, каде што се предвидува урување на тамошните споменични обележја.

Во Лондон, во близина на зградата на парлементот цел беше и статуата на поранешниот конзервативен премиер Винстон Черчил, чиишто зборови за расните прашања предизвикувале контроверзии, па на пиедесталот осамна натписот „Беше расист“. Малку подалеку, крај пиедесталот на споменикот на јужноафриканскиот борец против апартхејдот Нелсон Мандела, пак, се собираат деновиве демонстрантите во спомен на Џорџ Флојд.

Лабурустичкиот градоначалник на Лондон, Садик Кан, првиот „татко“ на британската престолнина од пакистанско потекло, земја исто така, некогашна колонија на Обединетото Кралство, соопшти во меѓувреме „нашите споменици, имињата на нашите улици и јавни простори ги одразуваат минатите епохи (…), така тоа повеќе не може“, и најави формирање комисија којашто би требало да го „поправи“ ова прашање.