„Летница Белвица“: Работиме законски, а ако некој не вршел контрола не е наша вина

Фирмата којашто е концесионер на Охридското Езеро „Летница Белвица“, ги демантира забелешките на министерот земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, дека концесионерот не преземал мерки за контрола и спречување на криминал.

Во продолжение во целост го објавуваме демантот на „Летница Белвица“:

„Во Летница Белвица има вработено лиценцирани рибари и рибочувари кои работаат со обележани и регистрирани пловни објекти во согласност со законските прописи.

Тоа што министерот разговарал и договарал во Езерската полиција со рибокрадци кои имаат по неколку кривични и прекршочни пријави, без да бидат присутни овластени лица на концесионерот, е договор за да изврши упад со дваесетина инспектори, координирани од лицето коешто се заканува на инспекторот за кое бевме сведоци на снимката која беше објавена. Не сме сигурни дали истото лице не се заканило и на другите инспектори, тоа останува да го проверат институциите кои се надлежни за тоа.

Летница Белвица работи во согласност со договорот за концесија кој го има склучено со МЗСВ и има вработени 16 рибочувари кои вршат физичка заштита и за секое вршење на контрола е известена Езерската полиција.
Летница Белвица ги има подмирено сите обврски кон државата и се труди да работи максимално според закон, а тоа што некој не вршел контрола за тоа, ние не сме виновни, А дури и ако имаме некои пропусти, постојат опомени и казни. Тоа што некој се обидува да ја одземе концесијата на Охридско Езеро оди во прилог на рибокрадците и криминалците“.