Летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс најави повторно воведување на задолжителна воена служба во земјата поради тензиите со соседна Русија и војната во Украина. Инаку, земјата се откажа од задолжителната воена служба откако влезе во НАТО.
„Сегашниот воен систем на Летонија ги достигна своите граници. Во исто време, немаме причина да веруваме дека Русија ќе го промени своето однесување“, изјави Пабрикс за новинарите.
Воениот рок треба да биде вратен во 2023 година и ќе важи само за мажите.
Од 2007 година, армијата на оваа балтичка земја и членка на Европската унија е составена од професионални војници и доброволци од Националната гарда кои служат во пешадија за време на викендите и со скратено работно време.
Земјата, која има помалку од два милиони жители и се граничи со Белорусија и Русија, има 7.500 активни војници и членови на Националната гарда, поддржани од 1.500 војници на НАТО.
фото: www.vijesti.me