Летонија на колена, прва радост за Ѓуровски

Нема ништо поубаво од со победа да стартуваш на новото работно место, а такво нешто сега може да се пофали и новиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Бошко Ѓуровски.

За да има победнички старт се погрижија репрезентативците на Македонија кои ја оправдаа фаворитската улога во пријателскиот натпревар и сосема заслужено со 2:1 ја победија гостинската селекција на Летонија.

Македонија дојде во водство со погодокот на Јован Костовски во 29 минута, а во 65 минута, за жал, сопствената мрежа ја погодо дефанзивецот на Стеауа, Даниел Георгиевски.

Само осум минути подоцна, Македонија повторно дојде во водство, но сега со погодокот на брзоногиот напаѓач на италијанскиот калчолигаш Калјари, Агим Ибраими.

„Задоволен сум од начинот на кој одигравме, особено од првото полувреме и почетните минути од продолжението. Направив многу замени но сакав да им дадам шанса на играчите на позициите на кои сметам дека ќе бидат најпродуктвини. Немам никаква замерка кога е во прашање односот на играчите, трудеа и дадоа се од себе да издвојуваме победа. Среќен сум заради нив. Правевме и грешки, неколкупати имавме лоши последни додавања но важна е победата и од срце им честитам. Победата ја издвојувавме со многу труд, да не заборавиме дека и Летонија игра фудбал, потврдија во второто полувреме дека можат да бидат многу незгоден противник”, изјави по натпреварот селекторот на Македонија, Бошко Ѓуровски.

Нашата репрезентација играше во следниот состав: Пачовски, Георгиевски , Попов , Шиков (Ристевски) , Мојсов, Тричковски (Велковси), Демири (Спировски), Степјановиќ (Муарем) , Костовски (Ибраими), Ибраими, Хасани (Ивановски).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.