Левица: Без радикална политичка промена невозможна е еколошка промена

Во продолжение интегрален текст од реакцијата на „Левица“:

Додека во Македонија оскудниот број на мерни станици повторно покажуваат енормна загаденост на воздухот, изјавите кои доаѓаат од властите се неприфатливо манипулативни и потценувачки. Претседателката на Комисијата за животна средина, Каја Шукова неодамна изјави дека Владата активно работи на решавање на овој системски проблем, преку мерката за субвенционирање инвертери во приватните домаќинства.

Ваквата небулозa е всушност рефлексија на целосната неспособност, отсуството на било каква визија, а очигледно и немање волја и интерес на актуелната владејачка гарнитура да го реши овој горчлив проблем! Напротив, оваа власт во служба на нивните господари од Европа и со интерес за профит на своите локални финансиери, Македонија ја претвори во стовариште на отпад кој доаѓа токму од земјите од ЕУ. Со оглед на целокупното расипничко владеење, не чуди фактот што Македонија е една од водечките земји во светот по смртноста од рак, што го покажуваат податоците на меѓународната агенција за истражување на ракот Глобокан. Според податоците на СЗО, лани во земјава 7 807 лица заболеле од рак.

Три години се апсолутно предолг период, измерено во човечки жртви, за Владата да се занимава со шминкерски решенија додека 17 здравствени установи користат мазут или нафта и преставуваат сериозен извор на загадување! Додека СДСМ во предизборието најавуваше намалување на загаденоста на воздухот за 50 проценти, денес сведочиме дека и во летниот период кога не се греат домаќинствата, народот е изложен на енормна загаденост на воздухот, па затоа прашуваме – дали инвертерите ќе ги решат крупните загадувачи кои очигледно се заштитени од секоја гарнитура на власт?

Оваа власт во спрега со олигархијата нема никаква политичка волја за системски решенија со кои ќе се спротистави на крупните загадувачи кои профитираат од загадувањето на воздухот. Иако вети, Владата не донесе забрана за користење на јаглен, туку напротив во интерес на бизнис-лобито ја либерализира и укина акцизата за увоз на кокс! Дополнително, сведочиме како средствата од буџетот кои се издвојуваат за оваа намена се потценувачки, далеку под ветените 3,5 проценти од вкупниот буџет. Дури и ваквите ниски износи наместо да се искористат за акредитација на државна лабораторија, Државниот инспекторат за животната средина средствата ги троши за набавка на возила и останати непродуктивни трошоци.

Токму затоа, гледаме како Владата неуспешно се труди вината да ја прелоцира во сиромашните домаќинства кои социјалната беда ги принудила да се греат на дрва, или пак во најзагрозениот слој население кое претставува жртва на нивните погубни социјални политики со кои ги довеле на работ на егзистенција.

Еколошките проблеми се директен резултат на политичката и социјалната катастрофа која ѝ се случува на државата во сите сфери на јавното живеење, предизвикано од владеењето на криминални партии чиј основен интерес е натрупувањето лично богатство и заштита на профитите на нивните финансиери.

Во Македонија владее еколошка катаклизма, а владата нема ниту капацитет, ниту интерес да го ублажи проблемот. Во таа насока, еколошка промена не е возможна додека не се победи капиталот! Потребна е радикална политичко-социјална промена на државата, а за тоа не е способна ниту една бизнис-партија која е окупирана од интересите на капиталот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.