Левица ќе го бојкотира говорот на Пендаровски во Собранието

Од партијата Левица ја известија јавноста дека нивните пратеници во Собранието на Република Македонија, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, нема да учествуваат на 56-та пленарна седница, на која е планирано традиционалното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски.

– Нашите народни пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на шефот на државата, кој ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери – за кои, сè почесто, во нивните јавни обраќања, стануваме „Северномакедонски пријатели“. Сметаме дека човек кој е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика и не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам, којшто го негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите пратеници и на пошироката јавност – меѓу другото порачаа од Левица.