Левица: Обвинителство отвори постапка за конфекцијата „Ју-Ка” и покрај манипулациите на градоначалникот Коцевски

Градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, наместо да држи прес-конференции на кои спроведува интерна партиска агенда и притоа ја злоупотребува позицијата како градоначалник за да ги наклевети неговите политички опоненти, сериозно треба да се посвети на новонастанатата криза во градот како последица од зголемување на заболени работници од коронавирусот, се истакнува во денешната реакција на велешкиот огранок на партијата Левица.

По многубројните дојави од вработени во конфекцијата „Ју-Ка“ од Велес, а кои укажуваа на голем број нерегуларности и непочитување на мерките за заштита и превенција, Левица случајот го пријави до надлежните инспекторати. Дополнително, медиумски ги повика надлежните институции да го истражат случајот и директно се обратие до градоначалникот Коцевски за тоа дали се вистинити шпекулациите дека градоначалникот и сопственикот на конфекцијата „Ју-Ка“ се пријатели и дали градоначалникот чувствува некаква одговорност за ширењето на пандемијата во Велес.

„Веднаш по нашето обзнанување на случајот, градоначалникот Коцевски на прес-конференција наместо да презеде одговорност, истиот ја обвини политичката партија Левица дека шири лаги“, посочуваат од партијата.

Потсетуват дека сите реакции и прашања упатени преку медиумите се врз основа на претходни информации од страна на самите работници.

„Знаеме дека е во негов интерес да не одговори на поставените прашања и да продолжи со манипулирање на јавноста, но сега, откако ОЈО Велес отпочна предистражна постапка за овој случај, јасно е дека постојат основани сомнежи за несовесно постапување и непочитување на мерките за безбедност од страна на конфекцијата „Ју-Ка““, додаваат од Левица.

Притоа повторно поставуваат неколку прашања до градоначалникот Коцевски, за кои изразуваат надежи дека „наместо празни клевети“, велешани ќе добијат „прецизни одговори“.

1.Дали е вистина дека сопственикот на „Ју-Ка“ бил повикан за соработка на седница на кризниот штаб на општина Велес?
2.Колкав број на вработени во конфекцијата „Ју-Ка“ се тестирани, а колку се пратени во самоизолација?
3.Дали е вистина дека конфекцијата „Ју-Ка“ е добитник на тендер за изработка на заштитни маски?
4.Дали е вистина дека е намален бројот на тестирања за ковид-19 во Велес?
5.Дали е вистина дека е зголемен бројот на починати лица во Велес од ковид 19 и дали истите биле во контакт со вработени во конфекциите од Велес?
6.Дали Коцевски сѐ уште тврди дека нема простор за паника и дека Левица шири лаги или смета дека е загрижувачка ситуацијата во Велес?

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.