Левица поднесе предлог Декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денес одржа прес-конференција во прес-центарот на Собранието, кадешто обелодени дека, денес заедно со пратеникот Борислав Крмов, до претседателот на Собранието доставија предлог Декларација во 10 точки за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии.
На прес-конференцијата тој ги образложи точките кои ја содржат предлог Декларацијата, коишто очекуваме да бидат прифатени од сите пратеници. Во продолжение следи целосната предлог Декларација.

Предлог Декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии


Врз основа на член 68, став 2 од Уставот на Република Македонија (1991) и чл. 183 и 184, ст. 1 од Деловникот на Собранието на РМ (2008), а

– тргнувајќи од слободарските традиции и прогресивните идеали на левото крило на тајната внатрешна Македонска револуционерна организација (Солун, 1893) и на ВМРО Обединета (Виена, 1925);

– сеќавајќи се на афирмативните ставови во Резолуцијата на Комунистичката [Трета] интернационала за македонското прашање (Коминтерната, 1934) за полноправно признавање на македонската нација;

– следејќи ја идеолошката линија на партизанската народно-ослободителна и социјалистичка борба на македонскиот народ во НОВ, како и историските државно-правни одлуки донесени на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ, 1944);

– темелејќи се на нeотуѓивото природно право на самоопределување и самоидентификација на секој народ, гарантирано во Повелбата на Обединетите Нации (1945), Универзалната декларација за човекови права на ООН (1948) и Меѓународниот пакт за граѓански и политички слободи и права (1966);

– укажувајќи на резултатите од првиот повоен Попис на населението во тогашна Народна Република Бугарија (декември 1946), спроведен во времето на премиерот Георги Димитров, кога на Македонците од Пиринска Македонија за прв пат им е овозможено слободно да ја декларираат својата национална определба;

– потсетувајќи на званичните документи на Министерството за народна просвета на НР Бугарија, Одделение за проучување на учебното дело – Исправки во бугарските учебници по историја No 423 (22 ноември 1947 година);

 – уважувајќи ја важноста на Европската конвенција за заштита на човековите права (1950) на Советот на Европа, како и јуриспруденцијата на угледниот Европски суд за правата на човекот во Стразбур;

– споменувајќи си за Резолуцијата на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња (Атина, 1977) на која македонскиот јазик е официјално признат на ниво на целиот свет;

– почитувајќи ја легитимната мнозинска народна волја олицетворена преку плебисцитарната Одлука за независност донесена на задолжителниот Референдум од 8 септември 1991 година, на кој 1.079.308 граѓани гласаа за „суверена и самостојна држава Македонија“, без никакви придавки и додавки;

– потврдувајќи ги официјалните резултати од консултативниот и манипулативен Референдум од 30 септември 2018 година, кога не е постигнат уставниот цензус и „не е донесена одлуката за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“;

– поаѓајќи од Рамковната позиција за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската унија, усвоена од бугарската Влада на 9 октомври 2019 година и потврдена со парламентарна Декларација од 10 октомври 2019 год.; a

– имајќи ја предвид јавната Реакција од група македонски научници во однос на континуираните бугарски негирања на посебноста на македонскиот народ и јазик (21 септември 2020 год.) –

***

Собранието на Република Македонија, на пленарната седница одржана на ден _______________ 2020 година, ја донесе следнава

Д Е К Л А Р А Ц И Ј А

ЗА ОСУДА НА БУГАРСКИТЕ НАЦИОНАЛ-ШОВИНИСТИЧКИ ПРЕТЕНЗИИ


1. Собранието на Република Македонија, со индигнација и во целост, го отфрла бугарскиот т.н. Објаснувачки меморандум за односите на Република Бугарија со Република Македонија во контекст на проширувањето на Европската унија и процесот на асоцијација и стабилизација (септември 2020) упатен од страна на официјална Софија до земјите-членки на ЕУ, како недоличен шовинистички акт кои ги урива добрососедските односи меѓу двете земји и поставува нереални, максималистички и експанзионистички барања кон македонската Република, под закана од т.н. бугарско вето за одржување на првата Меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија, како почеток на планираните и долгоочекувани пристапни преговори за полноправно членство во Унијата.

2. Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се апсолутно, суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ, кое не може и не смее да биде дел од никаква странска билатерална замешателна агенда или, пак, мултилатерална преговарачка рамка за членство во било кој меѓународен сојуз или организација, а истото се темели на интернационалниот и императивен т.н. ius cogens правен режим – кој е општоприфатен и задолжителен за сите современи и цивилизирани народи во меѓународното јавно право.

3. Бараме од Владата на Република Македонија, а особено од Претседателот на Владата, од неговиот заменик – Министерот без ресор за европски прашања, како и од шефот на дипломатијата, т.е. Министерот за надворешни работи да бидат поагилни, подржавнички и пожестоки во нивните дипломатски напори за одбрана од намерните иредентистички напади и провокации кои доаѓаат од страна на (нео)врховистичките, „михајловистичките“ и великобугарските центри на нашиот источен сосед, со цел зачувување на македонското национално чувство, дигнитет и припадност, кои во XXI век се брутално негирани и оспорени на еден крајно дрзок, недостоинствен, примитивен, омаловажувачки и нецивилизиран начин, кој нема ништо заедничко со европските просветителски и хуманистички вредности.

4. Апелираме до Претседателот на Републиката, како своевиден „Татко на нацијата“ и dominus во надворешната политика, со сите свои ресурси и капацитети, да се стави во проактивна патерналистичка улога, заштитувајќи ги македонските национални интереси на меѓународно ниво, употребувајќи ги сите расположливи средства за доаѓање до историската вистина за злосторствата извршени од страна на бугарскиот фашистички окупатор на територијата на Македонија (Вардарска, Пиринска и Егејска) за време на Втората светска војна – како тогашни горди сојузници на Хитлер и Мусолини во Тројниот пакт, т.е. Оската на злото „Рим-Берлин-Токио“.

5 .Очекуваме од македонската страна официјално покренување на „зелена маса“ на круцијалното прашање за правата и статусот на непризнаеното македонско национално малцинство во соседна Бугарија (Пиринска Македонија) – согласно Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1994), донесена од Комитетот на министри на Советот на Европа, а по бројните жалби и поплаки за непостапување на бугарските државни органи во спроведувањето на добиените правосилни и извршни судски пресуди пред Европскиот суд за човекови права (Стразбур) против Република Бугарија, како и официјално државно барање за извинување од бугарските власти за сите сторени историски неправди, ѕверства и злосторства врз Македонците – како искрен чин на братско помирување и човекољубие.

6. Ја истакнуваме суштинската потреба од носење на стратегиска Македонска платформа за националните интереси на македонскиот народ, од страна на лидерите на политичките партии во Македонија, а во која ќе се дефинираат државните „црвени линии“ – на внатрешен и на надворешен план – и точно ќе се назначат прашањата за кои никако и со никого не смее да се преговара – во идниот процес на ЕУ интеграција (унитарност, секуларност, територијален интегритет, државни симболи, инсигнии, име, јазик, идентитет и сл.).

7. Бараме итно запирање со работа на некредибилната т.н. Заедничка меѓувладина експертска комисија, формирана со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија (2017) – поради непрофесионални и манипулативни тенденции за историски ревизионизам, квазинаучни шпекулативни фалсификувања и контроверзна рехабилитација на големобугарските фашистички идеи, како и поради обиди за омаловажување на ликот и делото на апостолот Гоце Делчев и на други видни личности и великани од македонската античка, средновековна и нововековна историја и многугенерациска борба за македонска државност, автономија и независност.

8. Ги повикуваме сите релевантни академски и научно-образовни инстутуции и поединците кои работат во нив (МАНУ, Институтот за национална историја, Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, универзитетите и факултетите), како и медиумите, невладините организиции за заштита на човековите слободи и права и другите јавни личности во Република Македонија и во дијаспората (Европа, Америка и Австралија) – без разлика на нивната политичка, верска или етничка припадност – во организиран Отпор и борба против негирањето, злоупотребата и искривоколчувањето на минатото, со цел ширење на непотребни тензии, непријателска пропаганда и ксенофобија од позиција на моќ.

9. Оваа Декларација под итно да се достави до ООН, Советот на Европа, ЕУ, ОБСЕ-ОДИХР, Европскиот парламент, до владите на сите полноправни земји-членки и земји-кандидатки за членство на ЕУ, како и до други сродни меѓународни организации и пријателски народи.

10. Декларацијата веднаш да се објави во „Службен весник на Република Македонија“ и да влезе во сила истиот ден, како општ парламентарен став за ова прашање од пошироко општествено-политичко значење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.