Левица: Власта ја саботира разрешницата со „Беса транс“ во која е инволвиран Спасовски

Интегрално соопштение од Левица: 

„За разрешницата за трагедијата со 46 жртви со автобусот на „Беса Транс”, обвинителката Вилма Русковска најави дека се обезбедени писмени докази и деновиве требаше да се започне со сослушување на сведоци.

Во овој трагичен настан, директно е инволвиран и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој чекал повеќе од три месеци да ја забрани работата на станицата во која бил регистриран автобусот на „Беса транс“.

За станицата за технички преглед на компанијата „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ“, во која бил регистриран автобусот на „Беса транс”, на 25.08.2021 година било издадено предлог-решение за забрана за работа. При контролата било утврдено дека со пропустите во станицата „се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата“.
Цели три месеци Спасовски одбива да го потпише предлог-решението, што резултира со ужасната трагедија во која животот го губат 46 патници.
Се поставува прашањето, доколку се обезбедни писмени докази за овој случај, зошто не е побаран притвор за министерот Спасовски, поради опасност да го повтори делото и да влијае врз други сведоци?
Дополнително, дали Спасовски ќе биде повикан на сослушување за овој случај како осомничен или како сведок?

Фактот што Спасовски го потпишува Решението за забрана за работа на станицата за технички преглед „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ“ само три дена после трагедијата со автобусот на Беса Транс, индицира дека предметот свесно бил чуван во фиока од страна на министерот.
Криминалот на владејачките министри и раководители кои одлучуваат да држат предмети во фиока, народот го надоместува со изгубени животи и трагедии, кои можеби би биле превенирани, доколку инситуциите ажурно и законски постапувале“.