Левичарската опозиција изедначена со коалицијата на Макрон по првиот круг од изборите во Франција

Емануел Макрон се соочува со губење на мнозинството во Националното собрание, бидејќи е израмнет со левичарската коалиција по денешниот прв круг од парламентарните избори во Франција, покажуваат излезните анкети.

Лево-зелената алијанса на Жан-Лик Меланшон ќе освои 25-26% гласови, слично како коалицијата на Макрон, Заедно. Актуелниот претседател тешко дека ќе стигне до потребните 289 пратеници за да има мнозинство.

Излезноста беше само 47%, најмалку во модерната историја.

„Вистината на крајот на првиот круг е дека партијата на претседателот е поразена. Излезете на гласање следната недела за целосно да ги отфрлиме ужасните политики на мнозинството на Макрон“, изјави Меланшон, кој беше трет на претседателските избори.

Макрон го освои вториот мандат во април, но без апсолутно мнозинство во собранието ќе има големи проблеми да ги спроведе најавените реформи. Тој планира постепено зголемување на возраста за одење во пензија од 62 на 65 години, додека Меланшон вети дека ќе ја намали на 60 години.

Макрон неодамна ја претстави својата нова влада на чело со Елизабет Борн, но таа и другите 14 министри мора да ги задржат местата во парламентот за да останат на функциите.

Излезните анкети велат дека партијата на крајната десничарка Марин Ле Пен освоила 19,2% гласови.