Левичарско ориентираните студенти протестираа во Атина

Масовно и релативно мирно, со исклучок на напад врз тројца фоторепортери и скршен излог на продавница, заврши протестот на левичарски ориентираните студенти во центарот на Атина, јави дописничката на МИА од грчката престолнина.

Под мотото „Студентското движење не се плаши, не се запира уште од бунтот од Политехничкиот факултет до денеска, битка за леб, образование и слобода. Ние сме генерацијата на пресврт” маршираа студентите низ улиците во Атина до грчкиот Парламент, протестирајќи против владината политика како поради инцидентите во понеделникот во дворот на Економскиот факултет, така и поради владините промени во образовниот систем и укинатиот студентски имунитет.

Студентите со кои поразговара дописничката на МИА од Атина истакнаа дека тие се оние кои треба да го кренат нивниот глас против политиката на владата, не само во однос на образованието, туку и во останатите области.

– Само доколку се бориме заедно, студентите и работници, ќе успееме да постигнеме успех и да победиме, изјави Ефи, која е студентка на Фармацевтскиот факултет во Атина.

– Ќе продолжиме со активностите и за време на одбележувањето на годишнината од студентскиот бунт против хунтата. Динамично ќе учествуваме во протестот во недела, бидејќи слоганот од 1973 „Леб, образование, слобода” и денес е актуелен, наведе студентот Мариос за МИА.

Заедно со студентите, но во посебен блок беше и поголема група, претежно маскирани лица кои се самоопределуваат како анархисти и во близина на грчкиот Парламент физички нападнаа тројца фоторепортери, а скршија и стакло на излог од продавница во центарот на Атина.

На околу 25 факултети од цела Грција, од вчера па сѐ до 17 ноември нема да се одржуваат предавања, а просториите се симболично под опсада. Оваа одлука на студентите дојде по последните случувања во дворот на Економскиот факултет во Атина, но и во рамките на студентските активности против последните промени во законите за образование кои ги изгласа грчкиот Парламент. Според информациите во Грција, затворени се околу 15 факултети во Атина и неколку во останатите грчки градови.

Според најавите од студентите, се очекува нивните активности да кулминираат во недела на 17 ноември, кога со протест од Политехничкиот факултет до Амбасадата на САД во Атина секоја година се одбележува годишнината од студентскиот бунт против хунтата, а доста често завршува со инциденти. Токму затоа, оваа година, се очекува да има строги безбедносни мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.