Либан ја осуди „опасната“ израелска воена ескалација на границата

185

Либанскиот премиер Хасан Диаб ја осуди во вторникот израелската „опасна воена ескалација“, по пограничниот инцидент во понеделникот со размена на оган во граничното подрачје.

Првично беше известено за судир на израелската војска и припадници на Хезболах, кој е отворен непријател на Државата Израел чии позиции во Сирија редовно се цел на напади од израелската авијација. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека либанските шиитски екстремисти од движењето Хезболах и либанската Влада се одговорни за обидот за упад. Меѓутоа, влијателното и моќно либанско шиитско движење поддржано од Иран, негираше со соопштение дека неговите сили влегле во вооружен судар со израелските сили.

„Израел уште еднаш го наруши суверенитетот на Либан со опасната воена ескалација. Повикувам на внимателност во наредните денови, бидејќи се плашам дека работите ќе се влошат во светлината на опасните тензии на границата“, напиша премеирот Диаб на Twitter за вчерашниот инцидент.

Израелската армија соопшти дека група од три до пет лица вооружени со пушки ја преминале таканаречената Сина линија, што е линијата на демаркација меѓу двете држави во спорната област на ридот Дов, на што право полагаат Либан, Сирија и Израел.

Како што се наведува во израелското сооштение, „терористите“ по размената на оган избегале во Либан, а израелските сили ја гранатирале јужната либанска територија заради одбрана на својата.

Мировните сили на Обединетите нации во Либан (UNFIL), соопштија дека отвориле истрага за инцидентот.

Премиерот Диаб го обвини Израел дека се обидува да ги промени правилата што постојат меѓу двете земји од крајот на едномесечната војна во 2006 година, последниот директен конфликт меѓу двете соседни држави.
Тој кажа дека Израел врши притисок за промена на мандатот на UNFIL, кој истекува во август.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.