Либан забрани патувања за поранешниот директор на Нисан

Либанското обвинителство денеска забрани патувања на поранешниот извршен директор на „Нисан“ Карлос Госн, откако Интерпол издаде потерница за него.

Според Обвинителството, тој обврзан е да ги известува властите за местото на неговиот престој.

Либан на 2 јануари доби црвена потерница од Интерпол издадена за Госн. Либанскиот министер за правда Алберт Серхан тогаш потврди дека Обвинителството ја примило потерницата која пристигнала четири дена откако Госн избегал од Јапонија во Либан.

Госн (65) е обвинет за финансиски малверзации во Јапонија, а судењето е закажано за април.

Тој пристигна во Либан преку Турција и оттогаш не е виден во јавноста.

Црвената потерница значи меѓународен налог за апсење, а министерот Серхан рече дека либанското Обвинителство ќе ги „исполни своите обврски“, што укажува за првпат дека Госн би можел да биде изведен на распит.

Серхан исто така посочи дека Либан и Јапонија немаат договор за екстрадиција, со што отпаѓа можноста Бејрут да го испорача Госн на Јапонија.

Госн беше уапсен во ноември 2018 година во Јапонија, каде што го товарат дека извршил повеќемилионска уплата на дистрибутерот на „Нисан“ во Оман. „Нисан“ дополнително го тужеше дека парите од фирмата ги пренасочил за лично богатење.

Тој ги отфрли обвинувањата, а неговите адвокати ја обвинија јапонската Влада за заговор против него.