Либерализиран транзитниот превоз меѓу Македонија и Полска

Врз основа на потпишаниот протокол на македонско-полската мешовита комисија за меѓународен превоз на патници и стока во патниот сообраќај,  потпишан на 30 мај 2012 година во Скопје и врз основа на размена на дипломатските ноти помеѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Република Полска, на 23 јуни 2014 година стапуваат на сила измените на Спогодбата за меѓународен патен транспорт помеѓу Владите на Република Македонија и Република Полска, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Согласно, Спогодбата со која е договорено од 23 јуни 2014 година да се укинат 3000 билатерално транзитни дозволи за превоз на стока за сите видови возила и 1000 билатерално транзитни дозволи за превоз на стока за возила со минимум еуро 2 стандард или вкупно се укинуваат 4000 билатерално транзитни дозволи, односно од 23 јуни 2014 година билатералниот превоз на стока помеѓу Македонија и Полска, транзитниот превоз низ двете земји ќе се одвива либерално односно без режим на дозволи.

Договорената либерализација на билатералниот и транзитниот превоз на стока со Република Полска е од огромно значење за македонските превозници, имајќи го во предвид фактот дека во овој момент Република Македонија има либерален билатерален и транзитен превоз на стока и со Чешката Република, Словачка, Унгарија, Србија, Бугарија, Албанија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција, Латвија и други земји, со што се овозможува непречена достапност до европските пазари за македонските превозници.

Министерството за транспорт и врски континуирано одржува состаноци на мешовитите комисии за превоз во меѓународниот патен сообраќај за дополнување на квотите на транспортни дозволи и либерализирање на превозот со земјите со кои остваруваме економска размена со цел овозможување на непречен транспорт за македонските транспортери.

Преку овие активности веќе e овозможено целосно либерализирање на превозот во повеќе земји со кои Република Македонија остварува економска размена, како и дополнување на контингентите за земјите со кои се разменуваат транспортни дозволи.