Лицата кои побрзо одат имаат помал ризик од потешка форма на Covid-19, истражување

Брзината со којашто човек оди може да биде показател за ризикот од развој на тешка форма на Covid-19, покажува ново сѐ уште нерецензирано истражување објавено на порталот medRxiv.

Брзината на движењето често се користи како показател на физичкото здравје. Меѓутоа, проблематично е како таа може да се земе како показател во услови на силно ограничено движење на граѓаните со цел да се запре ширењето на новиот коронавирус.

Во ова истражување научниците анализирале податоци за повеќе од 400.000 луѓе офдатени со британската „UK Biobank“, регистар кој со години го следи здравјето на испитаниците.

Од сите испитаници, 973 по заразата со коронавирусот развиле тешка форма на Covid-19, поради што морале да бидат хоспитализирани.

Во споредеба со лицата со нормална тежина, дебелите лица имале 49 отсто поголем ризик за развој на тешка форма на Covid-19.

Меѓутоа, лицата кои бавно се движеле имале најголем ризик од развој на тешка форма на Covid-19, без оглед на тоа дали биле дебели или не.

На пример, лицата со нормална телесна тежина кои бавно оделе, помалку од 4,8 километри на час, имале двојно поголеми изгледи за развој на тешка форма на Covid-19 во однос на луѓето со нормална килажа кои оделе со брзина поголема од 6,4 километри на час.

Лицата кои бавно се движеле често имале и други здравствени нарушувања.

Брзината на движењето често се корисит за да се тестира физичкиот капацитет кај возрасните лица и за да се предвидат ризиците од болести, инвалидитет и предвремена смрт.

„Брзината на одењето која испитаниците самите ја знаат е едноставна мерка за функционалната способност и се чини дека е фактор на ризикот од тежок Covid-19 независно од тоа дали лицето е дебело или не“, напишале авторите на студијата.