Лице со македонско потекло уапсено во Германија за подготовка на терористички напад

Во операција на германската полиција во градот Офенбах, во сојузната покраина Есен, уапсени се три лица кои се сомничат за поврзаност со џихадистичката организација Исламска држава, од кои првоосомничениот е со македонско потекло, соопшти во вторникот канцеларијата на обвинителството во Франкфурт.

Тројца уапсени се на возраст од 21, 22 и 24 години, и како што се препоставува, планирале да извршат терористички напад во западниот дел од Германија со употреба на огнено оружје и експлозив.

Главниот осомничен, 24-годишен германски државјанин со македонско потекло и според истрагата ги купил супстанциите потребни за изработка на бомби и исто така се обидел да купи пиштоли. Другите двајца осомничени се турски државјани.

Според сознанијата на истрагата, осомничените екстремисти во разговори со трети лица повеќепати се декларирале себеси како приврзаници на Исламската држава.

„Во текот на претресите пронајдени се бројни докази, пишани материјали и дигитални носачи на информации“, се наведува во соопштението на обвинителството во Франкфурт кое го цитираат медиумите.

Покрај тоа, во станот на првоосомничениот биле откриени „супстанции поврзани со експлозиви“, како и разни алати, пренесува порталот Local

Во операцијата за апсење на осомнитечните биле ангажирани околу 170 припадници на германските безбедносни служби. Подоцна во текот на денот, истражен судија ќе донесе одлука за одредување мерка истражен притвор и изолација за сите тројца осомничени.