Лидерите на 20 индустриски најразвиени земји (Г20) се обврзуваат дека ќе обезбедат фер дистрибуција на вакцини, лекови и тестови за ковид-19 низ целиот свет и ќе направат сè што е потребно за да им помогнат на сиромашните земји.
„Нема да штетиме напори да обезбедиме правичен пристап за сите, во согласност со обврските на сите членови од оваа иницијатива. Широката имунизација ја препознаваме како глобално јавно добро“, пишува во нацрт-документот, пренесува „Ројтерс“ кој е еден од медиумите кои имале увид во него.
Токму пандемијата и економската криза биле доминантна тема на дводневниот самит во Саудиска Арабија која претседателството со Г20 сега треба да го предаде на Италија.
Домаќинот на самитот, кралот на Саудиска Арабија, Селман бин Абдулазис, порачал дека тие како лидери мора да работат за да создадат услови да има правичен пристап до вакцината.
Лидерите изразиле и загриженост дека поради пандемијата ќе дојде до подлабоки глобални поделби помеѓу богатите и сиромашните.
„Треба по секоја цена да избегнеме сценарио во кое само побогатите ќе може да се заштитат од вирусот и да го вратат живото во нормала“, рекол францускиот претседател Емануел Макрон.
За да избегне тоа, челниците на Европската Унија ги повикаа лидерите од Г20 да вложат повеќе пари во глобалниот проект за набавка и дистрибуција на вакцини – Ковакс.
„Треба да покажеме глобална солидарност“, порача шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен преку „Твитер“, која имаше и обраќање на самитот.